Можеби околу 60 проценти од уметничките работници во Њујорк се останати без работа во културните сектори, што значи институциите работат со мал капацитет, но со нагон за опстанок и реанимација, вели уметникот Менсур Бојда
Менсур Бојда, уметник
Во интервју за „Нова Македонија“ во септември 2019 година, по повод реализираната самостојна изложба „Моите омилени нешта“ во галеријата „Грал“ во Скопје, уметникот Менсур Бојда најави дека по враќањето во Њујорк (каде што живее изминативе неколку години), меѓу другото, ќе учествува на групна изложба во Сеул. Деновиве тој посочи дека споменатата изложба, со наслов „Уан платформ фор Њу фјучр“, како дел од проектот „Егзит 2019“, во меѓувреме е реализирана како јубилејна, десетгодишна колаборација помеѓу Културната фондација на Чунгбук/Кореја и Галеријата на Македонскиот центар од Њујорк. Изложбата е одржана во галеријата „Форест“, а Бојда учествувал со едно дело од својот серијал „Римејд“. Во овој разговор тој укажува на низа моменти поврзани со своите актуелни творечки преокупации, но и со состојбата со културната и уметничка њујоршка сцена.
Менсур Бојда завршил во средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје, каде што живееше од 1993 година, по семејната преселба од Брод во Драгаш, каде што е и роден. Дипломира на Ликовната академија во Белград, а своите дела ги изложуваше во Македонија и надвор од неа.
Како се одразува пандемијата на коронавирусот на вашата творечка работа, на работата во арт-индустријата и воопшто на вашиот живот во Њујорк?
– Низ самоизолацијата, почнувајќи од март 2020, имав непрекинато продуктивно време посветено на изработка на нови дела, но и време за истражување нови правци. Речиси шест месеци пандемијата на ковид-19 ги чуваше културните установи затворени од јавноста. Музеите и галериите се отворија на крајот на август 2020, се разбира на безбеден начин и со практикување физичка дистанца и носење маски. Многу од нив препорачуваат закажана посета, некои го охрабруваат тоа, но не го ограничуваат. Зачудувачко искуство, во кое одеднаш сме сведоци, но и одговорни учесници во една глобална атмосфера што има фатален исход, не само за човечкиот живот туку и за перспективата на човечноста. Верувам дека оваа неизвесност ќе ја надминеме со силна решителност и интроспективно согледување на предизвиците.
Во кои сегменти сметате дека најмногу е погодена њујоршката уметничка сцена од актуелнава здравствена, но и економска криза?
– Културните и креативните сектори се важни сами по себе во однос на нивниот економски отпечаток и вработување. Галериите и музеите сѐ уште се справуваат со последиците на ситуацијата. Можеби околу 60 проценти од уметничките работници се останати без работа во културните сектори, што значи институциите работат со мал капацитет, но со нагон за опстанок и реанимација.
Успевате ли во кризниов период да следите уметнички и културни настани во живо во Њујорк и воопшто во САД и какво е вашето мислење за виртуелната презентација на уметноста?
– Не постои рестриктивност во движењето, така што динамиката на градот секогаш ме води до можности да навраќам на изложби. Освен посетата на изложби, сѐ уште е неизвесна агендата на другите културни институции, некои се во функција со ниска процентност на отвореност. Скоро беше објавено дека ќе ги отворат театрите. Музичките настани и перформанси и секакви многубројни групирања сѐ уште се паузирани. Многу галерии и музеи во моментов експериментираат со дигитални изложби и ексклузивни настани на интернет. Таквите напори вклучуваат масовно инвестирање во технологии што силно го подобруваат квалитетот на електронскиот пристап до уметноста. Отворена дебата е дали и во колкава мера колекционерите ќе се приспособат на новата состојба и ќе развијат нови стратегии за купување, кои во голема мера се потпираат на дигиталниот пристап.
Планиравте ваши дела да претставите и на самостојна изложба во Јапонија минатата пролет, во рамките на проект што вклучуваше и музички концерт. Што се случи со проектот во меѓувреме?
– Изложбата „Моите омилени нешта“, која беше отворена во галеријата „Грал“ во Скопје во 2019 година, оттаму требаше да замине во Јапонија. Кураторот на таа изложба, Рио Сато, со кого сме блиски соработници, ме покани на уметничка програма и престој, во колаборација со македонскиот музички бенд „Музички прогресивен квартет“ во музејот „Мацушима Бунко“ и во Музејот на уметностите во Курашики, во пролетта 2020 година. Покрај резиденцијата и изложба на островот Матсушима во музејот „Бунко“, проектот содржи и реализација на музички концерт во Музејот на уметностите во Курашики, град во околина на Окајама. Објектот е дизајниран од архитектот Кензо Танге и за надлежните во градските институции овој проект е возбудлива идеја, која ќе претставува мост помеѓу градовите Скопје и Курашики. Проектот доби и поддршка од Министерството за култура, но поради ефектите на пандемијата и рестрикциите во патувањата овој проект е паузиран, со надеж да биде реализиран во некоја наредна пригода.
Создавате ли сѐ уште впечатливи дела под инспирација од пијано-клавијатурата, какви што и беа презентираните на изложбата „Моите омилени нешта“, и кои ви се новите авторски преокупации?
– Комбинацијата на ликовни елементи и визуелни ефекти во циклусот „Моите омилени нешта“ сѐ уште е љубопитен хоризонт. Во овој процес се соочувам со предизвици на различни ликовни дисциплини. Можностите на дизајнот и концептот, изработката и фабркацијата, минималната апликација на платното и играта на ликовните елементи се возбудлив правец, кој одново ми дозволува да бидам изненаден од ефектот на едноставноста. Покрај фокусот на продукција на нови дела од оваа серија, во моментов работам на подготовки за групна изложба во галеријата „Карго проџект“, во организација со „РеАртист“ и „УС фор арт“. Возбудливо работам на едиција на принтови на селектирани дела од повеќе различни циклуси, која треба да излезе есенва. Планирам едицијата да биде достапна и во Македонија.