Пресудата за предметот „Трезор“ треба да биде изречена денеска во Основниот кривичен суд Скопје. Предметот се однесува на злоупотреба на средства од државниот буџет за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК, како и за обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е првообвинет во „Трезор“, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.

Обвинителството во завршниот збор истакна дека обвинетите договориле набавката на опремата да се изврши преку фирмата-посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата, наместо МВР да направи директна набавка од фирмата ГАМА од Велика Британија. Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

Одбраната, пак, во завршниот збор посочи дека обвинението за случајот е засновано врз претпоставки и на судот му предложи да донесе ослободителна пресуда, со оглед дека, како што наведе, јавните обвинители не го докажале обвинението.