ЦРНА ГОРА

Политичката криза во Црна Гора продолжува и по промената на власта, која се случи по три децении. Минатата неделна повторно се вратија сликите од протести на улиците во црногорските градови и користењето на запаливата реторика, која беше карактеристична пред одржувањето на парламентарните избори, кога по долгогодишното владеење беше сменета власта на партијата предводена од Мило Ѓукановиќ. Состојбата во земјата повторно е зовриена, поради плановите на новата коалициска влада да се изменат прописите што се однесуваат на државјанството и на избирачкиот список. За сегашната опозиција, потезите на власта претставуваат продолжение на „посрбувањето на Црна Гора“, бидејќи со либерализацијата на државјанствата наскоро црногорски пасош ќе добијат десетина илјади луѓе со потекло од Србија, Босна и Херцеговина и Русија, додека избирачкото право ќе го изгубат голем број црногорски иселеници, пишува „Дојче веле“.
Владата планира да ја измени Одлуката за критериуми за стекнување на црногорското државјанство според која, освен по непрекинат траен престој во Црна Гора, како еден од осумте законски услови за добивање на државјанството се смета и привремениот престој.
За политичкиот аналитичар и правник Борис Мариќ ова е само едно техничко прашање, кое не може да доведе до важни промени и смета дека драмата за државјанствата е конструирана од страна на опозицијата, и тоа во политички цели.
– Ова не е никаква измена на Законот за државјанство. Ова е само техничка измена на една одлука што би се усогласила со законот. Оваа одлука е применувана селективно.

На некои им требаа 10, а на други и 15 години непрекинат престој во Црна Гора, иако тоа не го пишува во законот, за да се стекнат само со еден од осумте неопходни услови за аплицирање за црногорското државјанство. Такви случаи, според Министерството за внатрешни работи, имаше само 17, така што не се работи за број што ќе влијае на изборите или на промена на етничката структура – вели Мариќ за ДВ.
За опозициската Социјалдемократска партија, ова се потези чија крајна цел е промена на структурата на населението, односно етнички инженеринг за во Црна Гора да има повеќе Срби, а Црногорците да бидат малцинство во сопствената држава.
– Самиот премиер Здравко Кривокашиќ јасно порача дека сака измена на Законот на црногорско државјанство и воведување двојно државјанство, а ова е првиот чекор во таа насока. Имаше некои проблеми во примената на досегашната одлука за почитување на критериумите, но тоа е најмногу поради непрофесионалноста на администрацијата или на судовите. Меѓутоа, тие сакаат законот да се либерализира и со тоа да се сменат структурата на населението и самиот карактер на црногорската држава – вели Иван Вујовиќ, генерален секретар на СДП, за „Дојче веле“.

Приврзаниците за измената на оваа одлука сметаат дека се олеснува патот до добивање државјанство за 500 лица, главно за брачни партнери на црногорски државјани. Од 2006-та досега во Црна Гора се доделени 30 илјади државјанства, а тоа го направи претходната власт. Во овој момент, според податоците на МВР, има околу 62 илјади странци со постојан и привремен престој, па затоа е потребно да се излезе со податок за колку луѓе ќе се однесува оваа одлука, сметаат од опозициската СДП.
Европската комисија ги повика двете страни на воздржаност и порача дека секоја промена на легислативата што се однесува на државјанството мора да биде спроведена со широка консултација и со почитување на правата на Европската Унија.