Најрасните грла во светот за галопски трки достигнуваат сума од пет, па и повеќе милиони американски долари. Ова е можеби зачудувачка, но вистинита сума, зашто коњичкиот спорт одамна не е само спорт, туку и голем бизнис. Традиционалните приредби по повод празниците, иако во скромни услови, нѐ потсетуваат оти овој спорт и кај нас живее
Љупчо Пупаковски (2) ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (202)
Со името на Љупчо Пупаковски е врзан еден долг период на опстојување, и не само тоа туку и развојот на коњичкиот спорт. Минатиот пат пишував за тоа како еден од најактивните спортски работници кај нас дојде во коњичкиот спорт, а ги споменав и неговите резултати. Овој пат ќе се задржам на активностите на Пупаковски по завршувањето на јавачката кариера, зашто едноставно кога се говори за коњичкиот спорт кај нас, секој што е барем малку упатен во овој спорт ќе се сети на неговото име. Навистина, да се биде присутен шеесетина и повеќе години во еден спорт е дури и за Гинис. Затоа, тој и денес е многу почитуван и ценет од помладите генерации. Сите тие џокеи што во одредени периоди се појавуваа на сцена, добро ги знаат неговата улога и жртвите што ги правеше за овој спорт.
Интересно е оти Пупаковски, откако заврши со натпреварувачкиот дел од кариерата, не се оддалечи од тркалиштето. Многумина го правеа тоа, веројатно поради заситеност или, пак, поради обврските што ги имаа во семејството и на работното место, но со Љупчо ситуацијата не беше таква. Едноставно, тој како да беше предодреден да остане и да живее со спортот од неговата младост. Затоа и минатиот пат споменав дека тој навистина е „алфа и омега“ во македонскиот коњички спорт. Впрочем, за неговата верност и посветеност ми зборуваше и еден од првите македонски шампиони, покојниот доктор- кардиолог Јосиф Наумовски, брат на мојот добар колега Мирослав-Лав, со чија помош и јас, како новинар и коментатор, навлегов во коњичкиот спорт.
ДОСЕТКАТА НА ПОКОЈНИОТ НИКОЛА СОЛДАТОВ
Да се разговара со Пупаковски, со кого се запознав во времето кога и јас почнав да ги коментирам коњичките натпревари, е многу интересно. Од него може да се научат многу работи што се корисни, особено за новинар почетник во овој спорт.
– Зоки, ти навистина беше коментатор на коњичките натпревари, ама ќе ти кажам дека ти не беше прв. Пред тебе натпреварите на Хиподромот ги коментираше покојниот Никола Солдатов, легендата не само на спортското туку воопшто на радио и ТВ-коментаторство. Се сеќавам, откако му ги дадов сите неопходни информации и стартни листи, за една галопска трка, тој седна и почна да коментира. На нему својствен начин, со уфрлање на некоја досетка или анегдота, особено кога беа во прашање трките на селските коњи, се случи од десет грла, четири да поминат низ целта без јавачите, кои некаде попатно коњите ги исфрлиле од седлата. Коментарот на Солдатов, кој веднаш се снајде, беше: иако без јавачи, бидејќи ова е коњичка трка, се смета пласманот на коњите, без оглед дали се со или без јавач – ми вели Љупчо.
Откако Љупчо ми го кажа ова, и јас се присетив дека Солдат ми раскажуваше за овој детаљ од неговата кариера. Затоа, кога тргнав на првиот пренос ми рече „внимавај да не те збунат коњите, ако стигнат без јавачи“. Двајцата се насмеавме, а јас постојано во текот на преносот мислев на тоа дали и овој пат низ целта ќе „пролета некој коњ без јавач“. Но тоа не се случи.
– Затоа, пак, кога се во прашање натпреварите во прескокнување пречки или дресурата, кои се сместени и во олимписката програма, ситуацијата е многу појасна. Ако падне јавачот или се повреди коњот, а тоа ретко се случува, се прекинува и настапот. Инаку, кај нас дресурата не е толку застапена, поголемо е интересирањето за скоковите.
СЕКОГАШ ПОЛНА ТРИБИНА НА ХИПОДРОМОТ
Уште во минатите години натпреварите на скопскиот Хиподром беа привлечни за гледачите, па се случуваше трибината да биде исполнета до последно место.
– Со оглед на тоа што речиси сите традиционални приредби ги организиравме по повод некој празник, на пример Први мај, Илинден, 11 Октомври, луѓето беа слободни бидејќи се работеше за празнични денови, па така на Хиподромот доаѓаа по цели семејства. Таков е случајот и денес, натпреварите се секогаш интересни за гледачите, па затоа секоја година програмата се збогатува со нови содржини. Покрај споменатите традиционални приредби, се одржуваат и натпревари во рамките од државниот шампионат, потоа Вива-купот и други. Сето тоа придонесува што повеќе да ги мотивираме одгледувачите на коњи, кои ги има сѐ повеќе и кои се вклучени во активностите на неколкуте клуба. Порано носител на сите активности беше најстариот клуб Илинден, сега ги има десетина што е добро за развојот и за напредокот на коњичкиот спорт – вели Пупаковски.
Во годините кога малкумина знаеја дека овој спорт се негува и кај нас, коњаниците за да ги анимираат луѓето често одеа во другите градови.
– Најинтересен беше Охрид. Таму во текот на летната сезона носевме по неколку грла, ги сместувавме во Подмолје и имаше големо интересирање кај туристите за рекреативно јавање. На тој начин вршевме и промоција на коњичкиот спорт – вели Пупаковски.
Инаку, за разлика од денес, кога коњите се транспортираат со специјални и удобни приколки, во минатото не беше така.
– За транспорт на натпреварувачките грла многу ни помагаше и железницата. Кога одевме на турнири, на пример низ југословенските простори, ЖТП ни обезбедуваше товарен вагон. Патувањето некогаш траеше и два дена, но со коњите редовно одеше и коњушарот, кој се грижеше навреме да бидат нахранети и „напиени“ со вода. Подоцна, кога одевме на парадните настапи низ градовите во Републиката, од ЖТП ни даваа на располагање и камион за транспорт на грлата. Така, со нивна помош успевавме да вршиме и агитација на коњичкиот спорт низ сите градови, а особено во туристичките места – додава Пупаковски.
ШЕСНАЕСЕТ МИЛИОНИ ЗА ЕДНО ГРЛО
Колку се цени и вреднува коњичкиот спорт во светот најубав показател се и баснословните суми што се даваат за купување на некое грло од најквалитетната раса. Пупаковски, кој редовно преку интернет ги следи случувањата во неговиот спорт, во кои се вклучени и трансферите на коњите, ни пренесе еден интересен податок.
– Во моментов гледам дека грлото Сиетл Данцер е продадено за 16 милиони долари. Сумата е неверојатна, но вистинита. И еден друг пример – грлото Франкел, кое е во „пензија“, сега служи за приплод. Со оглед на тоа оти се работи за суперквалитетно грло и сите одгледувачи на коњи него го бараат, цената за едно оплодување изнесува 150.000 долари. На ваков начин неговиот сопственик досега има инкасирано 19 милиони долари, што е пет пати повеќе од доларите заработени на трките, кога Френкел беше активен. Инаку, неговата цена како едногодишно ждребе во 2006 година изнесуваше и беше откупено за 13 милиони долари. Очигледно секој талент има своја цена и добро се плаќа – вели Пупаковски.
Јас, пак, се сеќавам колку се зачудивме, кога на натпревар во Скопје дојде романската и балканска шампионка и ни кажа дека нејзиниот коњ е купен за еден милион евра. Не ни се веруваше, но откако слушнавме за цените на најквалитетните грла во светот, ни стана јасно оти и тоа е можно.
– Ете таква е ситуацијата во светскиот коњички спорт. Но ние сме задоволни со ова што го имаме, зашто сме свесни оти сме далеку од светскиот тренд во овој спорт – вели Пупаковски.
Љупчо Пупаковски ги продолжува своите активности како инспиратор, агитатор и организатор на коњичките натпревари кај нас. Впрочем, на секоја информација на мејл за турнирите, за саатницата, а потоа и за резултатите, стои неговиот потпис. Навистина се ретки ваквите спортски ентузијасти, затоа треба да ги цениме и почитуваме таквите личности.