Професионалното потомство на фудбалски синови на Биелса, според најновиот број, е 163! Толкава е бројката од вкупно 280-те поранешни играчи со кои работел Биелса и кои сега работат како фудбалски тренери низ светот, се наведува во написот во британскиот весник „Телеграф“
ФУДБАЛ
За Аргентинецот Марсело Биелса (65) многумина велат дека е еден од најдобрите фудбалски тренери на светот. Човек со две ќерки, но со професионално потомство на фудбалски синови, кои, според најновиот број, се 163. Толкава е бројката од вкупно 280-те поранешни играчи што ги тренирал Биелса и кои моментно работат како фудбалски тренери или менаџери, се наведува во написот во британскиот весник „Телеграф“.
Тоа е извонредна статистика и резултат на макотрпно истражување на аргентинскиот новинар Карлос Арасаки и бројка што станува уште поголема кога ќе се додадат тренерите/менаџери како Пеп Гвардиола или Хорхе Сампаоли, кои никогаш не играле под водство на Биелса, но се одушевени од неговите фудбалски идеи. Биелса и Гвардиола сега ги предводат Лидс и Манчестер сити во Премиер-лигата, но нивното пријателство датира од пред петнаесетина години, кога Пеп го посетил на неговиот ранч оддалечен 80 км од Росарио. Гвардиола, тукушто пензиониран играч за врска на Барселона, го побарал Биелса по препорака на поранешниот соиграч Габриел Батистута. Тој бил толку возбуден по денот минат во разговор за фудбалот со Биелса, што во пораката до еден пријател напишал дека штотуку се сретнал со тренерот што знае најмногу за фудбалот во светот.
Хави Мартинез, кој играше во Атлетик Билбао под водство на Биелса, пред да му се приклучи на Баерн, вели дека Гвардиола постојано му поставувал прашања во врска со Аргентинецот кога бил во Баерн. Маурисио Почетино и Диего Симеоне зборуваат со голема почит за него. На прашањето од „Телеграф“ зашто толку многу негови поранешни играчи влегоа во фудбалскиот менаџмент и за тоа колкаво е наследството што тој ќе остави зад себе, првиот рефлекс на Биелса беше нелагодност.
– Треба да го разгледате тоа на вистинскиот начин. Почетино има свои идеи, кои, од моја гледна точка, се подобри од моите. Жерардо Мартино, поранешниот менаџер на Барселона, сега селектор на Мексико, е одличен тренер. Тој се покажа на сличен начин како Почетино. На Едуардо Берицо, селекторот на Парагвај, многу му се восхитувам. Тој секогаш беше јасен дека не ги практикува моите идеи. Тие што оставаат наследство генерираат желба кај другите тренери да репродуцираат стил. Јас секогаш го спомнувам случајот со Гвардиола. Тој создаде систем – објаснува Биелса.
А што е со процената на Биелса за неговата работа во Лидс?
– Јас не освоив ништо. Трофеите ме избегнуваат. Пласман во повисок ранг? Не беше многу тешко да се постигне тоа. Тимот го заслужи тоа – вели Биелса.
Тоа се чини неверојатно скромно, сѐ додека не се потсетите кои квалитети го дефинираат Биелса. Тоа не е опсесивното внимание на деталите, што, во неговите рани години, значело и 14 часа на ден проучување видеоснимки од фудбалски натпревари меѓу патувањето низ Аргентина за да гледа илјадници играчи во живо.
Тоа не се ниту разновидните тренинзи, склоноста кон претворање на играчите од средниот ред во дефанзивци или немилосрдниот висок пресинг, што влијаеше врз генерација тренери. Дефинирачката карактеристика е личната скромност на човекот, кој уште претпочита да оди на работа пеш, во тренерката на Лидс, ентузијаст, фасциниран и „заразен“ со фудбалот. Тим Рич, кој ја напиша биографијата „Квалитетот на лудилото“ на Биелса, вели дека имал проблеми да ги направи речениците поедноставни и да осигури дека секој може да ги разбере.
– Речиси сите менаџери што ги тренирал Биелса признаваат дека понекогаш се прашуваат што би направил – вели Рич.
Некои од нивните лични сведоштва се поучни. Роберто Ајала, поранешен дефанзивец на Аргентина, ги посочува емпатијата и почитта на Биелса „за она што го даваше фудбалерот“. Бенжамин Менди, кој играше за Биелса во Марсеј, вели дека заспивал за време на групните видеосесии, но дека менаџерот никогаш не бил лут поради тоа.
– Кога ќе ги отворев очите, Биелса го имаше истиот сериозен изглед на лицето и ќе речеше: „Чекам да се заинтересираш“ – вели Манди.
Поранешниот играч за врска на Еспањол, Иван Елгуера раскажува приказна за тоа како Биелса почнал да разговара со него, со Почетино и со Хуан Еснајдер за фудбалот во сауна. По триесетина минути, тројцата играчи биле тие што буквално не можеле да ја издржат жештината. Личната архива на анегдоти на Почетино почнува со денот кога неговиот „фудбалски татко“ пристигнал ненајавено во куќата на неговите родители, откако возел цела ноќ, за прво да ги погледне неговите нозе, а потоа да потпише договор за Њуелс олд бојс, на 14-годишна возраст.
– Тој нѐ натера да го сакаме фудбалот – едноставно вели Почетино.