Повеќе европски држави размислуваат за мешање на вакцините против ковид-19 од различни произведувачи за нивните граѓани кои примиле прва доза од „Астра зенека“, што би била досега незабележана практика, која ги прикажува предизвиците со кои владите се соочуваат со ширењето на заразата.
Кампањите за вакцинација претрпеа штета поради малиот број на пријавени случаи на згрутчување на крвта по примање на вакцината на „Астра зенека“, што доведе и до привремен прекин на процесот на имизација со оваа вакцина во одредени држави. Некои продолжија со користење на „Астра зенека“, а други пак воведоа рестрикции“, со што се отвори со прашањето како да се постапи со оние кои примиле прва доза од вакцината, но не можат да ја примат втората со менувањето на прописите.
Дел од експертите сметаат дека различните вакцини би можеле да функционираат заедно бидејќи целат кон истиот шилест протеин на вирусот, со што би можеле да му помогнат на организмот да се бори против ковид-19. Но, засега нема докази дека ваквата практика би била исто ефективна, како што пренесува „Ројтерс“.
Германија е првата држава во Европа која препорача дека лицата под 60 години кои примиле прва доза од „Астра зенека“ би требале да примат друга вакцина во втората доза. Други одлучија да ги чекаат препораките од Европската медицинска агенција.
Во јануари Велика Британија направи измена во препораките за вакцинација која изненади многумина експерти – ако првата доза од вакцината не е достапна, пациентите треба да примат друга вакцина. А во тоа време немаше научни податоци кои покажуваат дека спојот на две вакцини е ефективен и безбеден.
Во февруари, истражувачи од универзитетот „Оксфорд“ почнаа испитување во кое доброволци примија доза од „Фајзер“ а потоа доза од „Астра зенека“ или обратно. Истражувачите месецов ќе почнат со анализа на крвта на учесниците во тестирањето, за да видат како функционира овој пристап.
– Се смета дека ваквата флексибилност би можела да стане неопходна во иднина – вели д-р Метју Снејп, кој го предводи истражувањето „Ком-Ков“ во Британија.
Неодамна и рускиот институт „Гамалеја“ ги здружи силите со „Астра зенека“ за да видат како функционира спојот од нивните вакцини. Тие регистрираа две клинички тестирања во кои доброволци ќе примат доза на „Астра зенека“, па доза на „спутник“. Првото тестирање се спроведува во Азербејџан, а второто ќе биде во Русија.
Со зголемувањето на бројот на вакцини, истражителите тестираат и други комбинации. Мал дел од нив влегоа во клинички испитувања, додека повеќето засега се тестираат врз животни.
Миксот на вакцини би можел да стори многу повеќе отколу надминување во недостигот во снабдувањето, бидејќи се сугерира дека би можел да има подобри ефекти отколку имунизацијата со една вакцина.
Овој концепт не е нов. Ваквиот пристап со децении се испитува во надеж дека ќе се пронајдат потентни комбинации против низа на вируси, како што се инфлуенцата, ХИВ и ебола. Но досега нема конкретни резултати бидејќи процесот на тестирање врз луѓе се смета за напорен и скап. А дали научниците ќе спроведат повеќе експерименти со други вакцини ќе зависи и од подготвеноста на произведувачите.