Во земја што не само што сè заличува на мртовечница туку и која вакцини добива преку донации на „лажичка“, битката на т.н. антиваксери против ковид-идиотите звучи како лош црн хумор. Првиве се исплашиле дека некој со сила ќе ги вакцинира, па создаваат движење на отпор против „морбидните платени пропагандисти“. Сугерираат борба против ковидот со оптимизам и позитивна енергија. Оние што се вакцинирале или сакаат да се вакцинираат биле наводно дел на глобален експеримент, односно „експериментални глувци“ и глупаци што не гледаат што им/ни се случува. Како некој што ја прими и втората доза на вакцината, јас сум типичен пример за „глувците“. Но тоа не е сиот грев: тие што сметаат дека вакцините се единствен излез од овој кошмар (и тоа само под услов на масовна вакцинација и функционален систем што ќе бележи кој во меѓувреме починал или го прележал вирусот), во име на демократијата и човековата слобода треба да покажат разбирање и толеранција низ демократски дијалог. Сепак, најнапред околу терминологијата: погрешна е и поедноставена! Ја употребувам само за да ја доловам атмосферата што се вжештува од ден на ден и кај нас, а е рефлексија повеќе на она што се случува во Србија. Во еден духовит (иако црн) коментар што се однесува на таа земја, единствена со вишок вакцини, се вели: ваксерите чекаат антиваксерите да умрат од коронавирусот, а антиваксерите чекаат ваксерите да ги убие вакцината; ќе биде напнато до самиот крај. За волја на вистината, во групата на т.н. антиваксери има луѓе со различни сфаќања и ниво на образование, а настапуваат и со различна аргументација зошто вакцините треба да бидат предмет на (не)разумен сомнеж.
Во тоа шаренило влегуваат луѓе што се типични заколнати антиваксери (противници на секое имунизирање од сите заразни болести) со повеќегодишен стаж, а сега само добиваат повеќе муниција, до т.н. вакциноскептици (луѓе што или поставуваат легитимни прашања за ефикасноста на вакцините до такви што се збунети под ударот на контрадикторните медиумски известувања и штетното зрачење на социјалните мрежи; се разбира, со „Астра Зенека“ во фокусот). Највидливиот и најгласен слој го сочинуваат оние што веруваат (да, веруваат, небаре е религија во прашање) дека има „замешателство“ од вселената, 5Г-технологијата, кемтреилс (оние „чудни“ траги во вид на линии на небото), бојниот гас сарин (дури и да немаш поим од хемија, ова треба да ти дојде чудно, ама не… Умни се тие!) итн. Целиот концепт е „прочистување“ на човештвото, депопулација и „чипирање“, а споменуваат и втор Нирнберг!
Вакцинирањето е на доброволна основа и никој никому не смее да му се заканува поради сопствениот избор – тоа е меѓународна норма. Државата нема право насила да интервенира во човечкото тело, дури и кога е за негово добро, но може и мора да води политика на заштита на заедницата од неодговорни поединци и групи. Како и во секоја дилема што се дефинира бескомпромисно како судир на две опции (за и против), најтешко е да се најде средишната линија, најмногу поради полуинформациите (кои се поопасни од голите лаги). Вревата и неподготвеноста за разговор не се ништо ново, но моментот на ургентност е оној што бара брзи решенија! Токму последниов фактор ме прави нетрпелива кон повиците „да разговараме за двете позиции“ и за одговорноста на корпорациите за штетите од вакцините.
Можеби грешам, но мојата логика беше и е дека е многу пострашно да завршам во колабиран болнички систем во кој те примаат за ден-два за да си умреш и станеш дел на дневната црна евиденција отколку да ризикувам со вакцина што досега ја примиле милијарда луѓе. Тоа го направив со своја волја, а дури и да има само плацебо-ефект. И тоа е подобро од никаквата заштита и немоќта пред „шведскиот модел“ во изведба на терминално неспособните Филипче и Караџовски, кои велат: што да ви правиме, вирусот е премногу раширен, мерки не преземаме. Во вакви околности, вакцината е најодговорната работа што можам да ја направам за себе и за заедницата. И трето, свесна сум и длабоко благодарна (на Србија, не на Филипче или Пендаровски) што сум меѓу привилегираните што успеаја да добијат вакцина. Вакцината не дава 100 отсто заштита, но ги намалува шансите за фатален исход. Скептиците имаат право кога поставуваат прашања за ефикасноста на вакцините (и разликите меѓу нив), затоа што е ова „работа во тек“ (work in progress), а светот се најде во ситуација без преседан. Но што се однесува до корпорациите и нивната (не)одговорност за штетните ефекти врз луѓето, фер е да се почне со воената и прехранбената индустрија (за алкохолот и тутунот и да не зборувам). Вторава систематски нè труе со пестициди, конзерванси, шеќери, адитиви, хемиски супстанции во пластичната амбалажа од која пиеме вода – и од нас прави не само зависници туку и пациенти (со хронични заболувања, со прекумерна тежина итн.), но нема бунтовници. Што е со индустријата и загадувањето на водите, почвата, воздухот? Во секоја војна, првата жртва е вистината. Сега сведочиме на корпорациска војна на производителите на вакцини, со примеси на геополитика и геоекономија! „Астра Зенека“ (АЗ), од сето што го прочитав, е колатерална штета во пресметката, и ќе биде „прогласено за умрено“ само затоа што „Фајзер“ го освојува пазарот на бескрупулозен начин (иако има поголема стапка на компликации). АЗ е резултат на научна работа на универзитетски истражувачи што со јавни пари дојдоа до решение и побараа вакцината да се дистрибуира без профит. Таа стана најевтината на пазарот – затоа треба да умре!
Анализите нудат интересни податоци, како на пример дека Франција е земја со највисок процент на вакциноскептици (особено поради аферата со АЗ), но такви има и во другите земји. Знаете каде? Најчесто во групите на маргинализираните заедници, на најранливите, најсиромашните, на оние со најслаб имунитет и најниско образование – во слојот на лумпенпролетаријатот! На пример, во сиромашните предградија на британските градови се наоѓаат најголемите жаришта и на ковид-19 и на антиваксерство. На прв поглед, чуден спој! Но на луѓето што се одамна заборавени и од бога и од државата сега им е тешко да поверуваат дека некој вистински се грижи и им нуди бесплатна вакцина. Од нивните усти ќе ги чуете и толкувања за чипирање и многу гласен (и основан) гнев кон сите оние што ги изневериле и газеле со години. Вториве не само што заслужуваат разбирање туку и емпатија. Гневот е на место, бидејќи да не беше здравствениот систем приватизиран и направен луксуз, да беше државата правична и да имаа квалитетен живот, луѓето ќе имаа посилен природен имунитет и немаше да бидат првите жртви на ковидот, а плус на „првата линија на фронтот“ (оние што мораат да работат и не можат да си дозволат луксуз да седат дома и работат од дома, бидејќи некогаш и немаат ни дом ни работа). Речиси да нема научник што не зборува за биополитиката во време на коронавирусот и за големиот камбек/враќање на Државата како заштитник на популацијата. Без дилема, државната заштита што сега им се нуди на сите, не е израз на разбудена с(о)вест, емпатија или хуманизам. Сè додека постојат жаришта, ни другите нема да бидат безбедни, а и ќе снема работна сила, ќе нема кој да ’рмба за да го одржува животот во заедницата. Суровата вистина за капитализмот не може да биде причина да се работи на сопствена штета со одбивање вакцина. Впрочем, и на револуцијата ѝ требаат здрави борци.
Жртвите на структуралното насилство, сместени во групата на „потрошни животи“, немаат причина да го копаат сопствениот гроб. Недовербата произлегува од одиумот кон политичарите, медиумите, но и научниците. И тоа не е ништо ново, само што сега се извртува на бизарен начин што како бумеранг ќе ги погоди оние во чие име некои се изјаснуваат и борат (додека безбедно работат од дома или се страсни планинари и љубители на природата). Генерализацијата не е доблест и резултат на гледање на широката слика, туку би рекла – на себичност, на негледање на поединечните животи, на оние што ни стануваат студена статистика. Науката изневери, вистина е, но не сите и не секогаш. Тоа важи за секоја струка. Со анатема на истражувачите и научниците, со водата се фрла и бебето, а се откажуваме од Гален, Хипократ, Ибн Сина, Луј Пастер, Марија Кири, па и од Анастас Коцарев. Ковид-кризата ги разоткри и ги продлабочи сите фрактури на капитализмот на катастрофите, но Маркс велеше дека човекот дејствува и го менува општеството во зададените околности, а не во оние што ги посакува и кои се идеални.
Во време на трка со времето и смртта немам нерви ни стомак за апстрактни дебати. За тоа имавме време и пред пандемијата, па и претходно: сега треба да се спасуваат животи, бидејќи нацијата ни е фундаментално запуштена и болна. По националност, ние сме сите сиромашни – и оттука сите ранливи пред Косачот. Но најголеми антиваксери во оваа земја не се „естрадните ѕвезди“, надрилекари и надринаучници од Јутјуб или ФБ. Принудата врз нив ќе даде обратни ефекти, ќе ги направи маченици и херои, ќе ја поттикне погрешната претстава дека државата ги казнува затоа што наводно ја зборуваат вистината, иако манипулираат со полувистини или со сопственото (не)знаење присобрано на интернет. Тие треба да се маргинализираат, а луѓето да се едуцираат! Она пред што не можам да замижам се професори инфектолози, лошо прикриени антиваксери (кои уште и заговараат вонредна состојба, а не го ни прочитале Уставот). Уште полоши се политичарите што се на добар пат да ги одвратат граѓаните од вакцините и да ја доуништат довербата во здравството.
Со нивната беневолетност и неодговорност, Заев и Филипче се најдобрата антиреклама дури и за принципиелно добри политики! Одговорни политичари не само што набавуваат вакцини навреме и без да бараат дозвола од Брисел туку и се вакцинираат први и јавно, особено во средини со голем број скептици. Тоа „машки“ (што нема врска со џинџер-филозофијата) го сторија Албин Курти и Дритан Абазовиќ. Нашиве се кријат како змијата нозете, одамна вакцинирани се „вадат“ на евтин популизам: ќе чекале да им дојде редот. Вакцинирањето не е задолжително и така ќе остане – а мнозина нема ни да ги дочекаат вакцините. Но треба да се прашате од што повеќе се плашите: од овие со име и презиме што одлучуваат за живот и смрт, а кои немаат ни идеја и стратегија, а ни здрава логика во шизофрените мерки – или од вакцината. Изборот е ваш. Ако сум ризикувала нешто со примената вакцина, тоа е само себеси; со агитирање против вакцините, ќе треба да размислите кого сè сте изложиле на ризик (затоа што сте млади, силни, привилегирани) или сте спасиле. Толку!