Граѓаните што примиле прва доза од вакцината на „Астра зенека“ во Србија нема потреба да земаат дополнителна терапија, рече денес министерот за здравство, Венко Филипче. Сите ќе бидат ревакцинирани за што министерот очекува дополнителни препораки.

– За некои од граѓаните што се вакцинираа во Србија, сакам да кажам дека нема препораки, оти нешто превентивно треба да се прави ако некој примил доза. Да не земаат на своја рака „клексан“ или „фраксипарин3“ против згрутчување на крвта, нема потреба. Ретки се случаите со несакани ефекти – рече министерот Филипче.

Викендот и минатата недела претпоставките се дека во Србја вакцината на „Астра зенека“ ја примиле повеќе од 12.000 Македонци. Меѓу нив е и пулмологот Анѓелко Ѓорчев кому му се слошило по вакцината, паднал во длабока кома и сместен е во новиот Клинички центар во Ниш, но српските здравствени власти изјавија дека неговата состојба не е последица на вакцинирањето.