Муралот на ѕидот на поранешниот затвор во градот Ридинг, Велика Британија, за кој мистериозниот британски уметник Бенкси на својот инстаграм профил откри дека е негово дело, деновиве е вандализиран. На цртежот е прикажан затвореник како се обидува да побегне од затворот, користејќи јаже направено од постелнина и врзано за машина за пишување.
Но деновиве на муралот осамна натпис во црвена боја, на кој пишува „Тим Робо“, а исто така се гледа дека и машината за пишување е покриена со црвена боја. Според „Гардијан“, Робо бил британски графитист, кој долго време водел спор со Бенкси. Почина во 2014 година. Се претпоставува дека вандалите се следбеници на Робо.
Делото на познатиот уличен уметник Бенкси беше инспирирано од судбината на Оскар Вајлд. Познатиот писател бил затворен во овој затвор од 1895 до 1897 година, поради неговата хомосексуална врска со лордот Алфред Даглас.
Во видеото наречено „Криејт ескејп“, кое го сподели со своите обожаватели, Бенкси откри како изгледало создавањето на неговото ново дело.
Видеото е монтирано така што изгледа како типична епизода од шоуто на Боб Рос за сликање, со тоа што клиповите на ова познато американско телевизиско лице се измешани со клиповите на Бенкси пред ѕидовите на поранешниот затвор во Ридинг. Од видеото може да се види како тој ја креира својата работа ноќе, но и реакцијата на полицијата и случајните минувачи на завршената работа следниот ден.