Компанијата „Амазон“ ќе го менува главното лого на апликацијата за купување по реакцијата на клиентите, бидејќи последниот редизајн потсетува на Адолф Хитлер, пренесуваат светските медиуми.
Новото редизајнирано лого на апликацијата „Амазон“ беше објавено во јануари и на него беше поставен дел од сината лента, веднаш над емотикон „насмевка“, препознатливото лого на компанијата. Но имаше и такви кои лентата ги потсети на мустаќите што ги носеше нацистичкиот водач.
По реакциите на клиентите, технолошкиот гигант го смени дизајнот со свиткување и преклопување на дел од сината лента настрана.
Компанијата за „Би-би-си“ изјавила дека оригиналната верзија е објавена во неколку земји пред да се изврши промената.
Логото на апликацијата, што може да се види на паметни телефони и таблети, претходно содржеше графика на колички за купување.