Со оглед на покажаното насилство на протестите и агресијата на демонстрантите кон припадниците на полицијата, но и кон медиумите, нереагирањето и оглушувањето на меѓународната заедница се изненадувачки, сметаат некои од аналитичарите. Други, пак, велат дека токму воздржаноста од реакции на меѓународните фактори значи нивна доверба во македонските институции, односно дека меѓународната заедница се согласува со пресудите и посакува да му се стави крај на случајот
Меѓународната заедница тивка за насилните протести за „Монструм“
По два долгогодишни судски процеси, речиси повторени пресуди за истите обвинети, болно политичко поигрување со чувствата на семејствата на жртвите… настаните со насилните протести во петокот на 26 февруари, покажуваат дека протестите се претвораат во деструкција и насилство врз полицијата, медиумите, но и демолирање на објектите на државните институции, но и приватни објекти што ќе ѝ се „најдат“ на патот на толпата. Во таквиот амбиент, редовно забележливо се истакнуваат, освен знамиња и симболи на голема Албанија, УЧК, но и знамиња на странски земји, претежно оние на САД. Таквата иконографија беше присутна и на последниот протест од минатиот петок, а беа и повторени барањата за нова меѓународна истрага за случајот „Монструм“. И додека оние што протестираат не ги почитуваат домашните институции, вршат агресија и напад врз нив, меѓународната заедница сето тоа молкум го гледа.
Сепак, и покрај барањата искажани на протестот, но и заинтересираноста на претставниците на меѓународната заедница во Македонија за случајот „Монструм“ (уште од почетната истрага), сѐ уште предизвикува изненадување во македонската јавност што овој пат како да изостана нејзина реакција по настаните со демонстрација на насилство, во петокот, на 26 февруари.
– Случајот „Монструм“ од повеќе аспекти е многу сензитивен и предизвикува вознемиреност во општеството. За жал, и со овој случај политички бескрупулозно се манипулираше и очигледно сѐ уште се манипулира. Доколку продолжи злоупотребата на „Монструм“, а последните протести се знак дека нема да се остави случајот да биде затворен, и понатаму ќе биде присутна опасноста за продлабочување на етничката поделеност. Воздржаноста од реакции на меѓународните фактори по протестите, претпоставувам дека значи доверба во македонските институции што ја донеле пресудата. Односно, меѓународната заедница се согласува со пресудите и посакува да му се стави крај на случајот. Но за да се стави крај на случајот во македонската јавност, и конечно да се испочитуваат и човековите права на семејствата на жртвите потребно е да се расчисти кој навистина ги уби жртвите кај Смилковско Езеро, но и зошто ги уби – смета професорот на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.
Од друга страна, адвокатот Александар Новаковски, пак, проценува дека со оглед на искажаното насилство на протестите, за пресуди за случај што и покрај два судски процеси и пресуди, и понатаму остава нејаснотии и предизвикува вознемиреност во јавноста, немањето реакции од меѓународните претставници во земјава е најблаго кажано изненадувачки.
Особено што двајцата првообвинети и осудени се цело време во бегство во Косово и не е извршена нивна екстрадиција.
– Очекував од претставниците на меѓународната заедница во земјава, по насилните протести барем да апелираат (ако веќе не го осудија насилството) на смиреност и да се остави преку правосудните органи да се исцрпат сите правни средства. Зашто, иако е повторен случајот, пресудата сепак не е правосилна и осудените имаат право на жалба пред Апелациски и Врховен суд. Се надевам дека кога ќе биде напишана пресудата и достапна за јавноста, во неа можеби ќе бидат образложени и мотивите за злосторството. Тоа треба да придонесе за порелаксирано продолжување на постапката пред повисоките судови – вели адвокатот Александар Новаковски.
Професорката од Институтот за правни и социолошки истражувања, Мирјана Најчевска, смета дека државата има доволно механизми за утврдување на вистината и на правдата, а зрелоста на една држава се гледа кога и како ги користи тие механизми. Постојаното повикување за арбитрирање на меѓународната заедница, колку и да се чувствителни и сложени одредени општествени ситуации, не е одраз на зрела држава.
– Поради чувствителноста и сложеноста на случајот „Монструм“, првенствено требаше да се обезбедат услови политиката да не се вмеша во него. Тоа можеше да се направи со формирање посебна анкетна комисија во Собранието, која би утврдила постоење на евентуалните политички мотиви во случајот. И сега наместо да се бара меѓународна истрага, партиите што го бараат тоа, можат да ја активираат Комисијата за човекови права во Собранието. Очигледно е дека и понатаму случајот „Монструм“ се злоупотребува за политичка манипулација, а и повикувањето за арбитража на меѓународната заедница е дел од таа манипулација – вели професорката Мирјана Најчевска.