Големите интернет компании започнаа офанзива против американскиот заговорник на теориите на заговор Алекс Џонс, кој сега нема пристап до Фејсбук, Јутуб, Епл и Спотифај, откако со години минуваше неказнето.
Овие мерки доаѓаат откако Јутуб, Фејсбук и Твитер со месеци биле обвинувани дека не прават доволно во спречувањето на дезинформациите и говорот на омраза.
Основачот на интернет страницата Инфо Ворс е истакнат медиумски деец, близок до крајната десница, а стана познат по изјавите и теориите на заговор во врска со масакрот во училиштето „Сенди Хук“ во 2012 година.
Џонс во повеќе наврати по тој масакр што го изврши Адам Ланза во основно училиште во Конектикат, кога беа убиени 26 луѓе, меѓу нив 20 деца, изјавуваше дека злосторството било исценирано.
Тој смета дека родителите на убиените деца во оружениот инцидент се всушност актери платени да одиграат една улога.
Повеќе семејства покренаа тужба против него, обвинувајќи го дека шири такви теории за да ги зголеми своите приходи.
Тексашанецот(44) изнесувал и многу други теории на заговор, па така и онаа дека американската влада самата го нарачала терористичкиот напад на 11 септември, но и некои други.
Пред неколку дена Фејсбук повлече четири видео снимки од страниците поврзани со Џонс во кои се прекршени правилата на социјалната мрежа за говорот на омраза и за вознемирување, се наведува во пораката на оваа социјална мрежа објавена вчера.
Потоа Алекс Џонс објави на Фејсбук дополнителни содржини, поради што компанијата му ги отстрани четирите главни страници.
Тоа го стори со образложение дека „го велича насилството“ и „се користи со погрдни изрази опишувајќи ги трансродните лица, муслиманите и имигрантите“, со што го прекршил интерното правило на Фејсбук.
Социјалната мрежа додава дека на тој чекор се решила поттикната од говорот со кој се користел Џонс, а не неговите теории на заговор.
Во 2015 година тогашниот кандидат за американски претседател Доналд Трамп учествуваше во емисија на Алекс Џонс и му пружи поддршка.
– Вашиот углед е неверојатен – рече тогаш во емисија идниот американски претседател.
– Нема да ве разочарам – додаде уште Трамп.