Меѓународен договор претставува израз на волјата на две или повеќе страни. Главната цел е, секако, постигнување заемна согласност за одредено спорно прашање, при што се создаваат реципрочни права и обврски за договорните страни. Во таквата рамка, реципрочно се ограничува сувереноста на потписниците на договорот, кои им се потчинуваат на правилата со кои се согласиле. Она што го прави грчката страна во наметнатиот спор со Македонија е нешто сосема различно од принципите на меѓународното право. Тие не само што излегуваат од рамките на меѓународното право туку од еден билатерален спор сакаат да наметнат инволвирање на други мултилатерални организации, како ОН и ЕУ, па дури да инволвираат и други држави. Имено, со најновите сценарија лиферувани од Катимерини, по брифингот на Коѕијас со медиумите во Грција, едното од сценаријата ни „предвидува потпишување билатерални договори со сите меѓународни организации, па и држави, во врска со евентуално потпишаниот договор за името со Грција“(?!).
Иако принципот на меѓународните договори подразбира почитување на меѓународното право, реципроцитет и права и обврски од двете страни, Грција не сака ниту да најави, ниту, пак, да направи компромисен чекор во духот на евентуална заемна согласност по одредено прашање. Грчката преговарачка страна не сака да предвиди никакви обврски за себе во таквиот договор, туку само права. Таа дури не сака да чуе да разговара за други отворени заемни прашања што не можеле да влезат во билатералниот договор, како на пример признавање на македонскиот народ, идентитет или, пак, постоењето на македонско малцинство во Грција? Грчките медиуми, како гласноговорници на грчката преговарачка страна, сега повторно излегоа со максималистички позиции. Имено, „Катимерини“ пишува дека „Македонија со меѓународен договор што ќе им го достави на сите меѓународни организации ќе се обврзе дека ќе ги направи потребните измени, меѓу кои и условот ерга омнес, кој бара промена на Уставот“. И втората објава во истиот контекст е дека Атина ја разгледува можноста „Македонија на самитот на НАТО во јули да добие посебен надграден однос со Алијансата, а статус на земја-членка да добие тогаш кога ќе го промени Уставот“.
Ваквите изјави се само континуитет на грчката преговарачка страна, со кои тешко е прекршено меѓународното апсолутно задолжително право. Сето ова што се предлага од нивна страна, вклучувајќи ги и најновите сценарија, е далеку од согласност со меѓународното право, а штом се спротивни – тие автоматски се ништовни. Но во овој контекст, многу е битно македонската јавност да биде свесна дека доколку Македонија сама прифати менување на името со евентуален меѓународен договор, тогаш тоа ќе предизвика обврски промените да бидат направени и внатре во нашите позитивни акти и прописи, бидејќи самите сме се согласиле. Експертите се експлицитни и тврдат дека со самото негово потпишување договорот станува меѓународно право и ваквите договори се извршни, односно мора да се спроведат. Во меѓународното право уставот на државите е небитен. Меѓународните договори се извршни, мора да се спроведе сѐ што стои во нив, во спротивно може да нѐ обвинат дека сме го прекршиле договорот. Доколку не се согласуваме со другата страна, како што сега стојат работите, и покрај сите притисоци, никој не може ниту има меѓународно правен легален инструмент да нѐ натера да ги прифатиме противправните предлози на грчката страна. Нормата од задолжителен карактер во меѓународното право (јус когенс што вклучува име, идентитет итн.) е онаа врз чија основа се темели нашата позиција и која во целост ги отсликува правдината и правото. Никој не може со посебна спогодба да ја менува оваа меѓународноправна највисока норма. Уште повеќе, според оваа норма, ние не треба ниту да ја ставаме на преговарачка маса темата за името, идентитетот, јазикот, топонимите и слично.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета мораме да го задржиме нивото на решавање на проблемот, кое треба да биде единствено преку билатералните механизми.
Стефаноски објаснува дека познавачите на меѓународната политика тврдат дека за споредба како треба навистина да изгледа решавање на едно билатерално прашање може да се земе меѓудржавниот спор на Хрватска и на Словенија, кој иако е сѐ уште далеку од решение, сепак не ги надмина лимитите на меѓудржавните комуникации.
– Токму лидерите на двете балкански земји, за разлика од Грција и од Македонија, се сретнуваат редовно меѓу себе на локации во нивните двете држави, а меѓународната заедница единствено е инволвирана во процесот преку давање препораки и идеи како Хрватска и Словенија би можеле подобро, побрзо или поефикасно да ја надминат пречката поврзана со тоа каде се наоѓа поморската граница на Пиранскиот Залив – вели Стефаноски.
Тој, од друга страна, истакнува дека мултилатералното или интернационалното решавање спорови во практиката најчесто се користи за решавање меѓудржавни конфликти, а не за прашање какво што е спорот за името.
– Оваа меѓународна арбитража се користи во случаи каде што, наместо пред домашни институции, кои не постојат ако се разурнати од конфликт и војни, процесите се одвиваат пред адјудикатори, познати и како арбитри. На овој начин се врши меѓународното решавање спорови, што е консензуално – вели аналитичарот.
Според него, интернационализацијата на решавањето на спорот за името ќе нѐ стави во ситуација каде што ние би требало да играме на карта за која притиска Грција – а тоа ерга омнес (име за севкупна употреба) да преговараме за нашиот идентитет и да го промениме Уставот, што, според него, дефинитивно е неприфатливо за македонската страна во процесот.
– Дополнително ерга омнес ќе треба да значи и промена на позициите на државите што досега нѐ признале под уставното име – подвлекува аналитичарот.
Стефаноски напоменува и дека ако на ова се додадат и новите сценарија што ги наметнува Атина, покажува дека на грчкото самоволие во процесот му нема крај и дека е милениче на некои од големите сили.