Над македонското небо вчера се забележани рекордни 1.007 летови, со што втор пат оваа година се надмина бројот на летовите, велат од М-НАВ за МИА.
Директорот на М-НАВ Николче Тасески изјави за МИА дека вчера се остварени вкупно 943 прелети и 64 операции на аеродромите во Скопје и Охрид.
– Во првата половина на 2018 година продолжи трендот на континуиран раст на сообраќајот, кој започна во 2017 година кога се забележа раст од над 20 отсто на глобалниот сообраќај – вели Тасески.
Во првите шест месеци од 2018 година М-НАВ има реализирано вкупно 82.619 операции, наспроти 73.074 операции во 2017 година, со што бележи дополнителен раст од 13,6 отсто.
– Во однос на полетувања и слетувања бележиме раст од 15,9 проценти, 8.868 операции во 2018, наспорти 7.651 операција во 2017 година – нагласи Тасески.
Месец со најголем раст на вкупниот сообраќај е мај – со вкупен сообраќај од 19.594 во 2018 година, наспроти 16.768 во 2017 година, што претставува вкупен раст од 16,9 отсто на месечно ниво.
Трендот на континуиран раст на сообраќајот продолжува и во текот на летните месеци. Најоптеретен ден во неделата останува сабота, а среда, петок и недела се следни денови во неделата по оптеретност.