За судбината на опожарениот планинарски дом „Копанки“ ќе се одлучува во Вишиот управен суд. Ваква разврска се очекува да се случи откако деновиве Управниот суд ја отфрли тужбата на планинарско-скијачкиот клуб Пелистер против решението на Министерството за транспорт и врски, кое го прифати решението на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, за утврдување правен статус на бесправно изграден објект. Планинарско-скијачкиот клуб сега има рок од 15 дена да поднесе жалба против решението на Управниот суд, со што случајот „Копанки“ се сели во Вишиот управен суд.
До донесувањето на конечната пресуда, планинарскиот дом „Копанки“ ќе остане урнатина и никој нема да може да изведува какви било градежни работи. Решението на Управниот суд, кое е донесено на 24 декември лани, деновиве беше јавно објавено, откако во пресрет на локалните избори, кои ќе се одржат годинава, случајот „Копанки“ повторно се (ис)политизира.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, очигледно задоволна од донесеното решение на Управниот суд, вели дека Општина Битола по завршувањето на судскиот спор, со свои средства, без какви било донации, ќе го обнови опожарениот дом, кој пред повеќе од осум години изгоре до темел. По пресудата на Управниот суд, практично е поништено решението на бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талески, со кое домот, откако претходно беше легализиран, му беше даден во сопственост на планинарско-скијачкиот клуб Пелистер.
Откако ја презеде функцијата актуелната градоначалничка, го оспори решението на својот претходник Талески и донесе решение со кое му го одзеде домот на планинарско-скијачкиот клуб Пелистер, а против Талески и неколку службеници од Општината што учествуваа во неговата легализација поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност. На таквото решение се жалеа планинарите до Министерството за транспорт и врски и почнаа со доброволни акции да го обновуваат домот. Но откако Министерството за транспорт и врски ја отфрли жалбата, работите на домот беа прекинати.
Сега, кога предметот со домот се пресели во Вишиот управен суд, кој треба да решава по жалбата на планинарско-скијачкиот клуб Пелистер, никој не знае кога ќе почне да се реновира домот. Но и најголемите оптимисти не веруваат дека во мандатот на градоначалничката Натша Петрвска тој ќе биде обновен. А да потсетиме, неговата целосна реконструкција и обнова од страна на бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талески, беа најавени уште наредниот ден, откако домот на 28 јануари 2013 година изгоре до темел.
На Владимир Талески мандатот му заврши пред нешто повеќе од три години, но, за жал, не го обнови планинарскиот дом. Досега, откако почна правната разврска за тоа чиј е домот и дали е легален или див објект, кој (не)законски бил легализиран од страна на претходното општинско раководство, не ѝ појде од рака ни на актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, на која оваа година исто така ѝ завршува мандатот.
Ни најголемите песимисти во Битола не веруваа дека Битола за осум години нема да најде сили да го обнови опожарениот дом „Копанки“.
За да биде иронијата поголема, и за време на мандатот на Талески и сега, за време на мандатот на Наташа Петровска, од општинската каса се обезбедени пари за обнова на домот. Битолските планинари, кои се цврсто убедени дека вистината и правдата се на нивна страна, сѐ уште не ги напушта оптимизмот. И по негативното решение на Управниот суд, тие силно веруваат дека домот ќе остане нивни и дека потоа ќе го обноват.
– Ние имаме комплетна документација дека „Копанки“ е наш дом. За тоа поседуваме документи дури од 1936 година, издадени од Архивот на Југославија. Ние немаме намера да се откажеме од домот, зашто тоа им го должиме на илјадници планинари и планинарски работници што ги вградија своите животи во неговата изградба и одржување. Тој е наш од 1936 година и наш ќе остане. Нема да дозволиме локалната власт да ни го национализира – велат од ПСК Пелистер.
Но локалните власти не мислат така.
– Управниот суд пресуди дека локалната самоуправа е во право кога го поништила решението за легализација на објектот, донесено од страна на поранешната власт. И не само оваа туку сите досегашни судски одлуки поврзани со планинарскиот дом „Копанки“ говорат дека објектот е узурпиран, противправно легализиран и доделен на субјект што дотогаш го стопанисувал. Сите досегашни правни разврски со „Копанки“ укажуваат дека некој или некои ја злоупотребиле функцијата за да го узурпираат планинарскиот дом, кој им припаѓа на сите битолчани, без разлика кој стопанисувал со него низ годините. Општина Битола уште на самиот почеток на решавањето на проблемот го понуди концептот објектот да дојде во нејзино владение за да може да го изгради, односно од дивоизграден објект без регулиран сопственик, да стане легализиран објект во владение на Општината, оти тој е на сите, а не само на неколкумина. Но инаетот и личниот интерес на поединци изгледа се поголеми од желбата „Копанки“ навистина да се реконструира и конечно да биде ставен во функција – велат од локалната власт.