Саша беше еден од најомилените и најaктивни актуелни диригенти на македонската сцена, кој ја прослави македонската современа музика со голем број гостувања надвор од земјава. Неговата енергичност и човечност ја паметат и публиката и сите ансамбли во земјава, зашто речиси и да немаше некој со кој тој не соработуваше

„Фанфари за еден пријател“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва во 20 часот, кој Филхармонија му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на нашата музичка сцена со кого оркестарот реализира низа незаборавни концерти. Диригент на концертот е Габриел Бебешелеа, а на програмата се дела од Копланд, Дика, Гуно, Шмит, Штраус и од младиот македонски композитор Ангел Спироски.
Маестро Саша Николовски-Ѓумар е син на еден од најистакнатите македонски композитори и педагози од повоената генерација, Михајло Николовски, и брат на диригентот Вања Николовски-Ѓумар, кој живее и работи во Америка. Саша беше еден од најомилените и најaктивни актуелни диригенти на македонската сцена, кој ја прослави македонската современа музика со голем број гостувања надвор од земјава. Eнергичностa и човечноста на Саша, кој беше и боем, поет и сликар, ја паметат и публиката и сите ансамбли во земјава, зашто речиси и да немаше некој со кој тој не соработуваше. Сестран и расположен за сите жанрови и различни проекти, Ѓумар ќе го паметиме по настапите со Македонската филхармонија и по претставите во Македонската опера и балет, по настапите на „Мајските оперски вечери“, на „Деновите на македонската музика“, на „Охридско лето“, но и по концертите со што ги започна уште како уметнички раководител на академскиот хор „Мирче Ацев“. Потоа беше уметнички директор и шеф-диригент на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, а веднаш по дипломирањето, основач и диригент на „Синтезис“, уметнички директор и диригент на ансамблот за современа музика „Св. Софија“ и Македонскиот камерен оркестар.

– „Фанфари за обичниот човек“ е едно од најзначајните концертни „увертири“ на американскиот композитор Арон Копланд, кој се водел од идејата да создаде дело во кое фанфарите ќе имаат традиционален и моќен звук, а во исто време и современ музички контекст. Композицијата „Фанфари за Ла Пери“ на францускиот композитор Пол Дика ја следи мистериозна генеза, таа може да биде музика за пантомима, за балет… Дика примарно ја напишал за руската танчарка Наташа Труханова. Композицијата има фантастична тематска структура и веднаш по премиерата била позитивно оценета од француската критика. „Фанфари за измачените“ од младиот македонски композитор Ангел Спироски претставува траурен повик за спротивставување на нелогичностите.

Тоа се фанфари базирани на една македонска народна песна чија содржина, земајќи ја предвид повторливоста на настаните поврзани со македонскиот народ, се чини секогаш и одново се актуализира. „Фанфари за измачените“ е дело нарачано од шеф-диригентот на Македонската филхармонија, Габриел Бебешелеа, а посветено на Филхармонијата – велат од Филхармонијата.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Филхармонијата на Македонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Моментално живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.


Почнува серијата „Претконцертни разговори“

На концертот „Фанфари за еден пријател“ ќе се промовира серијата „Претконцертни разговори“ како нова практика на Филхармонија. Идејата потекнува од новиот шеф-диригент, маестро Габриел Бебешелеа, чија цел е преку овие разговори пред почетокот на концертите да ја запознае публиката со делата што ќе одат на програмата, како и со естетскиот и филозофскиот контекст на самите композиции.
„Претконцертни разговори“ ќе се реализираат во рамките на концертите со оркестарот на Филхармонијата што ќе ги води маестро Бебешелеа.