На неодамнешната инаугурација на новиот американски претседател Џо Бајден, освен волнените ракавици на сенаторот Берни Сандерс, внимание во јавноста привлекоа и двојните антикорона-маски. Таква заштита имаше Пит Бутиџиџ, поранешниот претседателски кандидат, неодамна номиниран за секретар за транспорт на САД. Тој носеше висококвалитетна медицинска маска под црната. Неговиот партнер Частен имаше сличен изглед со двојно маскирање. Тој носеше модерна маска од карирана ткаенина, која се дополнуваше со неговата зимска марама.
Медицинските експерти предупредуваат дека сите треба да размислиме за квалитетот на нашите маски во моментов. Новите мутирани варијанти на коронавирусот продолжуваат да се појавуваат и брзо се шират. Тоа подразбира дека треба да продолжиме да се придржуваме кон истите мерки на претпазливост како и досега. Мутацијата на вирусот може да значи и дека е потребно помалку време да престојуваме во иста просторија со заразено лице за да се заразиме од ковид-19. Односно, оние што се веќе заразени може да исфрлат поголеми количества на вирус во воздухот, што го зголемува ризикот за луѓето околу нив.

Затоа, квалитетот на нашата маска сега е поважен од кога било. Поради тоа треба да се потрудиме да набавиме двослојна или трислојна заштитна маска, или, пак, да носиме по две кога одиме во продавница, аптека или во банка.
Според експертите, доколку сте набавиле маска од типот Н95, таа сепак ќе биде доволна, бидејќи е направена од цврсто ткаени материјали, посебно дизајнирани да го спречат пробивањето на честичките на вирусот. Но доколку носите само една платнена маска, носењето уште една врз неа може да зароби повеќе вирусни честички при издишувањето и така да овозможи подобра заштита од вдишување на вирусот од воздухот. Сѐ уште нема научни докази за тоа, но веројатно нема да наштети двојното маскирање доколку се најдете во ризична ситуација, како што е живот со некој што е болен од ковид-19.