Португалското претсседателство со Европската Унија ќе направи сѐ што е во негова моќ за да се внесе динамика во дијалогот за преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори помеѓу Македонија и ЕУ, истакнал шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва на синоќешната средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров во Брисел.
На средбата било разговарано за програмата и приоритетите напортугалското претседателство, а било отворено и европското досие на Македонија, за кое двете страни размениле мислења за идните можни чекори, како што соопшти владината прес-служба.
Средбата беше одржана на маргините на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ на кои присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите членки. Во рамки на посетата на Брисел, Димитров и Османи денеска треба да се сретнат со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и со претставници на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.