Кината можат да преживеат само со иновации и со субвенции
Пандемијата и наглиот пад на приходите само го забрзаа прашањето што филмаџиите и киноменаџерите веќе долго време си го поставуваат: Дали по 125 години пандемијата ќе го докрајчи киното?
А како почна сѐ? Новинарите не ја прифатија поканата на организаторите, па дури и случајни минувачи требаше да бидат убедени да гледаат филмска проекција во подрумот на „Гранд кафе“ во Париз пред 125 години. За еден франк, колку што чинеше билетот, гледачите можеа да погледнат 10 кратки филма, во времетраење од вкупно 20 минути. На првата проекција на филмот во историјата присуствуваа 32 гледачи, а на крајот сите беа „неописливо изненадени и без зборови“. Првото кино беше успешно… Оттогаш поминаа век и четвртина.
Пандемијата го оневозможи одбележувањето на 125-годишнината од раѓањето на киното на крајот на 2020 година. Пред пет години, Големиот дворец во Париз со голема изложба им оддаде почит на браќата Огист и Луј Лимиер, основачите на киното. Со овој уред, комбинација на филмска камера, филмски проектор и печатач, двајцата индустријалци го прикажаа својот краток филм „Излегувањето на работниците од фабриката ’Лимиер’“.
По приватната проекција на 22 март 1895 година, браќата го прикажаа филмот јавно во „Гранд кафе“ на 28 декември истата година. Оваа проекција влезе во историјата како раѓање на киното, и покрај целата подготвителна работа на другите пионери во киното, како што се Американецот Томас Алва Едисон и германските браќа Складановски. „Гранд кафе“, лоцирано недалеку од париската опера „Гарние“, веќе не постои. Сега на неговото место е лоциран луксузниот хотел „Скрајб“, а плочата на неговата фасада покажува дека токму тука се одржала првата проекција на браќата Лимиер. Набргу по првата проекција почнаа филмски претстави во кафулиња, театри и циркуски шатори, а подоцна беа изградени и киносали.
Денес мултиплексите го заземаат своето место, механичките проектори се заменети со дигитални, а платформите за стриминг сè повеќе го носат киното во домовите. Сето ова ги смени навиките за гледање на публиката, која сега може да ги гледа новите филмови додека седи во удобните фотелји во своите домови. Покрај тоа, приходите на платформите за стриминг, како што се Нетфликс и Амазон премиер, се поголеми од оние на традиционалните кина, што го разниша деловниот модел стар повеќе од сто години.
Пандемијата и наглиот пад на приходите само го забрзаа прашањето што филмаџиите и киноменаџерите си го поставуваа долго време. Впрочем, ова не е првпат да се предвиди пропаст на киното, но е првпат ова да биде криза со вакви размери од доаѓањето на телевизијата во 1950-тите години. Многумина во индустријата веруваат дека киното во својата традиционална форма не може да преживее. Некои експерти веруваат дека гледањето филмови во киносалите повторно ќе процвета само ако во понудата се воведе нешто посебно, на пример иновација како чувство за мирис или вибрирачки столови. Други сметаат дека киносалите треба да бидат субвенционирани како културни институции, како што се музеите. Тие веруваат дека само на овој начин киносалите можат да се надеваат на иднина.