Цела Шпанија, освен градот Мелила, сè уште е под влијание на студен бран проследен со силен ветер, дожд и снег, па сообраќајот е ограничен или нарушен на околу 300 автопати низ целата земја.
Од вчера е во сила предупредување за највисоко ниво на снежна бура во Мадрид и соседната провинција Кастилја Ла Манча, објави државната агенција за метеорологија (АЕМЕТ).
Снег се очекува и на североисток во Каталонија и Арагон и на запад во Екстремадура.
Во Мадрид од вчера врне силен снег, каков што немало од 2011 година, а температурата падна на невообичаени -6 степени Целзиусови.
Обилен дожд паѓа на југот на земјата, во Андалузија. Поради слаба видливост, траект со 76 патници удри во пристаништето на Канарскиот остров Гран Канарија, но нема повредени.