Кина и Велика Британија планираат да почнат разговори за Договор за слободна трговија меѓу двете земји по излезот на Лондон од Европската унија, соопшти денеска во Пекинг новиот британски министер за надворешни работи Џереми Хант.
Хант ја избра Кина за прва посета надвор од Европа, откако стана министер за надворешни работи на почетокот на јули, откако Борис Џонсон поднесе оставка поради несогласувања со премиерката Тереза Меј за нејзината стратегија за Брегзит.
На заедничка прес-конференција со кинескиот колега Ван И, Хант објави дека Пекинг предложил договор за слободна трговија со Велика Британија кога земјата ќе ја напушти ЕУ кон крајот на март 2019 година.
– Разговаравме за предлогот на министерот за надворешни работи Ван И да почнеме разговори за договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и Кина по Брегзит – рече Хант.
За време на посетата на Пекинг на почетокот од годинава, Меј зборуваше за забрзување на разговорите за отстранување на трговските бариери меѓу двете земји.