Адвокатската комора на Србија им наложи на сите адвокати од денеска да престанат со работа, во знак на протест поради убиството на познатиот адвокат Драгослав Миша Огњановиќ, кој завчера вечер беше застрелан пред влезот на неговата зграда во Белград.
Во текот на својата кариера Огњановиќ (57) му бил адвокат на Лука Бојовиќ, водачот на „Земунскиот клан“, како и на Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, и на неговата сопруга Мира Марковиќ.
– Сакаме да испратиме јасна порака на единството во професијата и цврстата решеност вакви случаи да не се толерираат – соопшти Адвокатската комора.
Според локалните медиуми, во нападот, кој е извршен пред влезот на зградата во која живее, бил повреден и неговиот 26-годишен син. Еден очевидец тврди дека по истрелите видел маж облечен во црно, со качкет на главата, како бега од местото на злосторството.
Комората понуди и парична награда за информации кои би помогнале во апсењето на убиецот на Огњановиќ.