Во Инсбрук вчера се одржа третиот, а во Бишофсхофен в среда е последниот натпревар сезонава на познатата Новогодишна турнеја, на која во првите два славеа Гајгер и Кубацки, а во генералниот пласман поведе Гранеруд
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Познатата, 69-та во низа новогодишна серија „Четири скокалници“ во скијачки скокови, што се одржува во Германија и во Австрија, влегува во завршницата. Вчера во Инсбрук се одржа третиот натпревар, а финалниот, четврти, во Бишофсхофен е в среда.
На првиот натпревар во 2021 година, на 1 јануари, во Гармиш-Партенкирхен, триумфира ланскиот победник, Полјакот Давид Кубацки, со скоковите од 139 и 144 метри во втората серија, што е ново рекордно постигнување на олимписката скокалница. За него тоа беше петта победа во кариерата во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, прва сезонава. Второто место му припадна на Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд, а третото на Пјотр Жила од Полска. Најдобар на првиот натпревар на „Четирите скокалници“, во Оберсдорф на 29 декември, беше Германецот Карл Гајгер, пред Полјакот Камил Штох и Норвежанецот Мариус Линдвик.
Во генералниот поредок на Новогодишната турнеја по првите два натпревара водеше Гранеруд, пред Гајгер и пред Штох. Гајгер има шанси да биде првиот Германец вкупен победник на „Четирите скокалници“ по Свен Ханавалд во 2002 година.
Новогодишната серија е дел од натпреварите во Светскиот куп, но по многу работи се издвојува од стандардниот дел од сезоната. За жал, годинава нема публика, која беше неизбежен дел од новогодишната, празнична атмосфера. Во богата историја на ова натпреварување само еднаш, во 2005 година, се случило двајца скокачи да го поделат првото место. Тогаш Финецот Јани Ахонен и Чехот Јакуб Јанда имаа ист број поени.
Исто така, реткост е некој скијач да победи на сите четири скокалници. Тоа досега им успеало само на тројца, на Ханавалд во 2002, на Штох во 2018 и на Јапонецот Роју Кобајаши во 2019 година. Годинашниот победник на „Четирите скокалници“ ќе добие парична награда од 18.440 евра. Организаторите го укинаа специјалниот бонус за скијачот што ќе победи на четирите натпревари заради избегнување на ризиците.