ГОДИНА НА ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА ДРЕВНАТА ИГРА ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА
Развојот на компјутерските програми и високото ниво на содржини што ги нудат новите интернет-платформи за играње и за учење шах, придонесоа шахот да биде лесно достапен. Секако дека и новосоздадените филмски серии придонесуваат за уште поголема популарност, особено кога во нив ќе се преплетат и реални историски приказни, кои се полни со возбуда и со аналогија на самата шаховска игра, вели ФМ Зоран Стојчевски
Шаховската игра во време кога владее пандемијата на коронавирусот стана повеќе играна отколку порано, стана многу поинтересна, подинамична, понапната… Немањето можност да се играат партии во живо, што придонесе најчесто да се игра преку интернет, а и големото влијание што моментално го има ТВ-серијата „Дамин гамбит“, придонесе многу луѓе во светот да почнат да се запознаваат со тајните на 64-те полиња, да почнат да го играат шахот преку разните интернет-платформи, да купуваат шаховски книги…
Многумина сметаат дека токму ваквиот динамичен начин на играње како да дава увид во тајниот свет на шахот, кој може на свој начин да биде страстен како фудбалот, тој не е само двајца ривали што седат и размислуваат со часови за многу можни варијанти. Ни Македонија не е исклучок од ваквиот тренд.
– Развојот на шаховските компјутерски програми и високото ниво на содржини што ги нудат новите шаховски интернет-платформи за играње и за учење шах, придонесоа шахот биде лесно достапен за сите категории шахисти и љубители на шахот, како за професионална надградба така и за рекреативно практикување и уживање во убавините што ги нуди оваа игра. Милионскиот аудиториум секојдневно има можност едноставно да ужива во мајсторството на најголемите светски играчи, кои несебично ги споделуваат своите погледи, анализи и знаење на овие платформи, анализирајќи свои партии, но и играјќи со членовите на сајтовите, со што уште повеќе се зголемува популарноста на играта. Секако дека и новосоздадените филмски серии придонесуваат за уште поголема популарност, особено кога во нив ќе се преплетат и реални историски приказни, кои се полни со возбуда и со аналогија на самата шаховска игра – вели шаховскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Зоран Стојчевски.
Веќе се организираат брзински шампионати каде што учествуваат врвни шахисти на денешницата, се играа шаховски олимпијади, европски поединечни и екипни првенства, но и многу онлајн турнири каде што може да настапува секој. Во време кога многу спортови беа прекинати или одложени поради ковид-19, шахот продолжи да се игра и тоа со многу засилено темпо.
– Единствен спорт што може да се игра онлајн е шахот, иако многу поразличен од нормалниот, сепак, доволно интересен за големи натпревари барем со забрзано темпо на размислување. Секако, и серијата „Дамин гамбит“, која патем е своевиден феномен, привлекува огромен број луѓе кон древната игра. Кога ќе се вратиме во нормалното живеење, мислам дека шахот ќе ја доживее својата најголема експанзија досега – вели интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски.
И светскиот првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој е промотор и главен организатор на играње шах на врвните играчи преку интернет-турнири, смета дека ситуацијата со ковид-19 трајно го смени статусот на забрзаниот и на брзиот шах, како и неговата сѐ поголема популарност.
– Сметам дека во услови на ковид-19 брзиот формат е одличен за играње преку интернет, оти се одржува барем мал привид на висококвалитетен шах, а исто така, не трае премногу долго. Патем, играте повеќе партии на ден, а со тоа имате и повеќе возбудувања – вели Карлсен за интернет-страницата на Шаховската федерација на САД.