Двајцата првпат ја добиваат наградата на ФИФА, а другите признанија ги добија Сарина Вигман, Јирген Клоп, Сара Бухади, Мануел Ноер, Сон Хеунг-мин.
ИЗБОР НА ФИФА
Полјакот Роберт Левандовски од Баерн го доби признанието за најдобар фудбалер за 2020 година во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во конкуренција на минатогодишниот лауреат и шесткратен добитник на наградата, Аргентинецот Лионел Меси, и на Португалецот Кристијано Роналдо, кој пет пати го добиваше признанието. Англичанката Луси Бронз од Манчестер сити ја доби наградата на ФИФА за најдобра фудбалерка, откако во стил ја заокружи сезоната со европскиот првак Лион.
Менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп, беше прогласен за најдобар тренер на тим во машка конкуренција, втора година по ред, а селекторката на репрезентацијата на Холандија, Сарина Вигман, за најдобра тренерка на тим во женска конкуренција (таа победи и во 2017 година). Германецот Мануел Ноер од Баерн е најдобар голман, а Французинката Сара Бухади од Лион е најдобра голманка. Сон Хеунг-мин од Тотенхем го доби признанието „Ференц Пушкаш“ за гол на годината, постигнат против Барнли (5-0) минатиот декември.
Здружението на професионални фудбалери (ФИФПРО) ги одреди и најдобрите тимови на сезоната.
Мажи: Алисон Бекер (Ливерпул и Бразил), Трент Александар-Арнолд (Ливерпул, Англија), Вирџил ван Дајк (Ливерпул, Холандија), Серхио Рамос (Реал Мадрид, Шпанија), Алфонсо Дејвис (Баерн, Канада), Џошуа Кимих (Баерн, Германија), Кевин де Брујне (Манчестер сити, Белгија), Тиаго Алкантара (Ливерпул, Шпанија), Лионел Меси (Барселона, Аргентина), Роберт Левандовски (Баерн, Полска) и Кристијано Роналдо (Јувентус, Португалија).
Жени: Кристијане Ендлер (ПСЖ, Чиле), Луси Бронз (Манчестер сити, Англија), Венди Ренар (Лион, Франција), Мили Брајт (Челси, Англија), Делфин Каскарино (Лион, Франција), Барбара Бонанси (Јувентус, Италија), Вероника Букет (Милан, Шпанија), Меган Рапино (ОЛ реин, САД), Перниле Хардер (Челси, Данска), Вивијан Медема (Арсенал, Холандија), Тобин Хит (Манчестер јунајтед, САД).