Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на еврејскиот празник Ханука, заедно со учениците од ПОУ „Иднина“ и ПОУ „Златен Сремац“ од Скопје, кои се дел од проектот „1.000 менори“, ги запали осумте свеќи на менорите во спомен на 7.144 македонски Евреи, жртви на холокаустот.
– Сакаме да ја потврдиме нашата цврста верба дека животот на секој човек е бесценет и дека етничката и верската различност го прави животот на македонското општество побогат – рече Пендаровски.
Тој денеска ја запали и последната свеќа на ханукијата, специјално изработен свеќник од бронза од страна на Мети Грунберг, светски познат уметник од Израел, роден во Скопје за време на војната.
Учениците и претседателот Пендаровски преку заедничка онлајн-платформа се вклучија и во глобалното одбележување на Ханука, каде што во спомен на жртвите од холокаустот запали свеќа и генералниот директор на Еврејската заедница, Исак Херцог.
– Една од важните поуки од Ханука е дека надежта победува сè. Така е и со надежта во тешките времиња. Кога мислиме дека немаме доволно, ќе бидеме изненадени од солидарната помош. Затоа, во тешки економски услови предизвикани од пандемијата на Ковид-19 ние сме благодарни за поддршката што Државата Израел им ја дава на три училишта. Ова е влог во нашите напори да создадеме праведно и инклузивно општество во кое ќе има место за секого – додаде претседателот Пендаровски во својата порака.
На одбележувањето на овој празник на светлината денеска присуствуваа и почесниот конзул на Израел, Градимир Шумковски, претставници на здружението „Акта нон верба“, а преку видеоврска се вклучи и британската амбасадорка, Рејчел Галовеј.
Целта на проектот „1.000 менори“ е да даде поддршка на училиштата за деца со попреченост и одбележување на празникот Ханука преку сеќавање на Евреите од нашата земја, кои беа депортирани во логорот „Треблинка“.
Во проектот, кој е поддржан од Министерството за надворешни работи на Израел и нивната организација за меѓународна соработка МАШАВ, учествуваат три училишта од земјава, кои го негуваат образованието на децата со попреченост.
Минатиот четврток, на првиот ден на празникот Ханука, претседателот Пендаровски ги прими учениците од ПОУ „Маца Овчарова“ од Велес, со кои исто така заеднички ги запалија свеќите на менората. Во спомен на македонските Евреи, жртви на холокаустот, беа запалени 1.000 менори во повеќе градови во земјата.