Ефикасноста на руската вакцина „спутник 5“ против коронавирусот достигнува 97 проценти, изјави денеска претседателот на Русија, Владимир Путин, и вети дека ќе се вакцинира самиот.

– Русија е првата земја во светот што измисли и започна со производство на вакцина. И ние имаме добра вакцина, безбедна и ефикасна – 95 и повеќе отсто, а експертите велат дека нивото на нејзина заштита достигнува 96-97 проценти, рече Путин на годишната прес-конференција, која годинава се одржува преку видеоврска поради пандемијата.

Тој изјави дека е убеден дека масовната вакцинација е неопходна бидејќи тоа е единственото нешто што создава колективен имунитет, пренесува ТАСС.

Путин рече дека не е вакциниран, бидејќи вакцината сè уште не е одобрена за граѓани на негова возраст, но тој дефинитивно ќе го стори штом тоа стане можно.

Тој оцени дека рускиот здравствен систем се покажа како поефикасен во борбата против вирусот отколку другите земји.

– Ниту еден систем во светот не беше подготвен за тоа. Едноставно не постои таков систем – рече Путин.


Написите за труењето на Навални се дело на американските специјални служби

На прашањето за труењето на рускиот опозиционер, рускиот лидер истакна дека никому не му е потребно труењето на Навални.

– Сопругата (на Навални) ми се обрати и јас веднаш наредив да го пуштат на слобода (да замине на лекување во Германија) – потсети Путин.

Според шефот на државата, написите за труењето на Навални не се истрага, туку објавување материјали од американските специјални служби, чија цел е да го нападнат првиот човек на Русија.


За разлика од Косово, Крим се отцепи со референдум

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави денеска Крим станал дел од Русија како резултат на референдум, за разлика од Косово.

Тој додаде дека Западот го „голтнал“ отцепувањето на Косово, додека за жителите на Крим биле воведени санкции.

– Да, ние немаме вина во споредба со вас – рече Путин за време на неговата традиционална годишна конференција, одговарајќи на прашање на британски новинар, дали Русија е секогаш невина или има малку вина за лошите односи со Западот.