Секој декември, заледениот „Ајсхотел 31“ на северот на Шведска на неколку месеци ги отвора своите замрзнати соби исполнети со неверојатни ледени скулптури, пред да се истопат со доаѓањето пролетта.
Ова издание на „Ајсхотел 31“, за чија изградба биле собрани неколку илјади ледени блокови од замрзнатата река Торне во Јукасјерви, шведскиот дел на Лапонија, кои потоа биле преработени во скулптури од тим од 35 вешти уметници. Поради ограничувањата поврзани со ковид-19, многу туристи ќе ја пропуштат можноста да уживаат во овој хотел. Поради тоа тимот одлучи да создаде виртуелно искуство за луѓето да уживаат низ целиот свет.
Но, за оние кои не можат лично да го видат хотелот, „Ајсхотел“ создаде т.н. „проширена реалност“ или еј-ар. Преку Инстаграм им овозможува на луѓето од целиот свет да шетаат низ просторот од својот домот. Ова се постигнува со користење на нови еј-ар филтри на платформата за социјални медиуми кои работат на мобилен телефон. Едноставно треба само да се кликне на врската до одредена просторија и ќе гледате како вашата дневна соба или спална соба се трансформираат во „Ајсхотел 31“.
– Знаеме дека многу луѓе мечтаат да патуваат и сакавме да го направиме искуството со „Ајсхотел 31“ достапно за оние кои не можат да не посетат во моментов. Така дојдовме до идеја да создадеме виртуелно патување со помош на еј-ар технологијата – рече Малин Франк, извршен директор во „Ајсхотел“.
Овогодишниот „Ајсхотел 31“ има 12 нови замрзнати уметнички апартмани, покрај шесте во постојаниот хотел „Ајсхотел 365“ отворен во неговата близина. Во хотелот се служат пијачки од леден бар, опремен е и со мебел од мраз, сауна и сала за венчавање. Собите се одржуваат на температура од -5 Целзиусови степени, а гостите спијат на дебел душек и покриени со кожи од ирвас. Хотелот ќе биде отворен до 11 април в година, по што се остава да се истопи. Едно ноќевање чини 310 долари.