Стапката на инфлација се оценува на 1,1 отсто во текот на целата 2020 година, 1,5 отсто во 2021 година и потоа се очекува да се приближи до нивото од околу два отсто во 2022-2023 година, прогнозира гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која сепак не очекува позначајни инфлациски притисоци

Иако изминатиов период имаше стабилна и ниска стапка на инфлација во нашата економија, сепак, во октомвриските извештаи се бележи раст на инфлацијата и зголемување на индексот на цените на мало. Но економските експерти смируваат дека ќе има постепен раст на цените, но тоа значи умерена, ниска и стабилна инфлација на среден рок.
Како што вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, во вториот и во третиот квартал годинава, во периодот на корона-кризата, стапката на инфлација во просек е 0,7 отсто, што укажува дека таа се задржа на многу ниско ниво.
– Тоа е сосема очекувано, имајќи предвид дека не постојат никакви притисоци на страната на побарувачката, додека пиковите во потрошувачката на селектирани есенцијални добра што се појавија во март и април беа контролирани од владите со поставување плафони на цените. Генерално, не очекувам значајни инфлациски притисоци во следниот период, ниту на среден рок – објаснува Петрески.
Тој додава дека се води дебата во стручните кругови на глобално ниво дали би можела инфузијата на ликвидност од централните банки и владите како одговор на ковид-19 да создаде последователен притисок врз цените.
– Во периодот непосредно по ковид-19, тоа би бил периодот откако вакцинирањето ќе биде достапно во доволна мера, не очекувам цените да се враќаат брзо на претходните нивоа, а уште помалку нивниот раст да забрза. На пример, кај цената на ноќевање во хотел, очекувам дека воздржаните потрошувачи ќе мора да бидат привлекувани со намалување на цените – смета Петрески.

Според него, на среден рок, дискусијата добива поголема валидност, меѓутоа постојат повеќе аргументи против инфлација.
– Прво, на научно ниво е докажано дека врската помеѓу паричната маса во оптек и цените ослабна, што и се виде по големата финансиска криза 2008-2011, односно големите инфузии на ликвидност тогаш не доведоа до последователна инфлација. Второ, фискалните дефицити и акумулираниот долг креиран за време на ковид-19 ќе мора да се сервисираат преку фискално штедење и кратење на трошоците, што ќе значи реверзирање на владино поттикнатата побарувачка – истакна Петрески.
Конечно, во Македонија, вели професорот, состојбата со цените е подредена на стратегијата на фиксен девизен курс, што ги прави домашните цени силно зависни од цените на клучни увозни производи, а речиси воопшто несензитивни на промените во домашните агрегати.
Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, нагласи дека до крајот на оваа година и во наредниот тригодишен период не очекуваат позначајни инфлациски притисоци.
– Стапката на инфлација се оценува на 1,1 отсто во текот на целата 2020 година, 1,5 отсто во 2021 година и потоа се очекува да се приближи до нивото од околу два отсто во 2022-2023 година. Проектираната стапка во оваа година главно е движена од досегашните остварувања, кои во еден дел се поврзани со неекономски фактори што доведоа до поместувања и на страната на понудата и на страната на побарувачката за одредени пазарни сегменти. Дополнително, во 2020 година дојде и до неколку административни промени, како зголемувањето на акцизата за горивата и цените на електричната енергија што исто така се одрази врз динамиката на цените – посочува Ангеловска-Бежоска.

Според неа, позитивен придонес кон инфлацијата, оваа година имаат прехранбената компонента и базичната инфлација, додека енергетската компонента, под влијание на големиот пад на цените на суровата нафта на меѓународниот пазар, и покрај споменатите административни промени, има негативен придонес.
– Во наредните три години соодветно на очекуваниот раст на увозните цени, очекуваме и умерено повисоки цени на храната и енергијата, а позитивна ќе биде и стапката на базична инфлација. Притоа, на краток до среден рок, а во услови на проектиран умерен раст на економијата, не оценуваме позначајни притисоци преку каналот на побарувачката. Секако, ризици во однос на очекуваната динамика на цените постојат и главно се поврзани со големата променливост на цените на примарните производи присутна на меѓународниот пазар, која е дополнително нагласена во тековната здравствено-економска криза – додава гувернерката.