Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека финансиските средства по поволни услови во период на пандемија се корисни, но укажуваат и дека програмите треба да бидат проширени за поддршка за сите компании, без оглед на големината, како и дека се потребни посебни кредитни линии за извозните компании

Нова бескаматна кредитна линија наменета за малите трговски друштва, занаетчиите и трговците поединци ќе се дели преку Развојната банка, за поддршка на компаниите во овој кризен период. Од Стопанската и од Занаетчиската комора посочуваат дека средствата се добредојдени и додаваат дека е потребна поддршка и за големите компании.
– За помош на стопанството преку Развојната банка на Северна Македонија се реализира и третата бескаматна кредитна линија со грант-компонента за микро и за мали трговски друштва, за трговец поединец и за занаетчии. Со оглед дека се работи за кредити со три години рок на отплата и со вклучен грејс-период до шест месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и на обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и заради потребата од обртен капитал на субјектите, очекувањата се дека ќе постои голем интерес од компаниите чие работење е погодено од коронавирусот. Важно за компаниите е дека поднесувањето на кредитните барања завршува на 30 декември 2020. Вкупниот износ што им се става на располагање на компаниите е 31 милион евра – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Од Комората посочуваат дека од претходните две линии ковид-кредити, кои се делеа преку Развојната банка, досега биле доделени средства во износ од 13,5 милиони евра, а ги искористиле 1.376 компании, со околу 18 илјади вработени.

– Исто така, преку Развојната банка на приватниот сектор му беа ставени на располагање 50,9 милиони евра поволни кредити од Европската инвестициска банка, т.е. кредитна линија за проекти на 189 компании. Целта на овие ковид-кредити беше да им се помогне на најпогодените сектори (угостителство, туризам, транспорт…), за финансиска поддршка и ликвидност на компаниите во овој период, но укажуваме дека програмите треба да бидат проширени за обезбедување поддршка (односно пристап до средства под поволни услови) за сите компании, без оглед на големината на субјектот – истакнуваат од Комората.
Наедно, од СКМ дополнуваат дека финансиските средства што им се нудат на компаниите по поволни услови во овој период на ковид-пандемија се корисни и од помош. Истакнуваат дека е неопходно да се одобрат посебни кредитни линии за извозните компании, што ќе им овозможи полесно да ја надминат неликвидноста, да го задржат пазарното учество на странските пазари и да опстојат во сегашниот и во наредниот период.
Од Занаетчиска комора Скопје објаснуваат дека овие кредитни линии се неопходни во услови на криза и намалена побарувачка на занаетчиски производи и услуги, за да можат занаетчиите да ги одржат бизнисите ликвидни.
– Финансиската подршка за занаетчиите е неопходна во услови на пандемија, затоа што голем дел занаетчии се наоѓаат во тешка финансиска ситуација поради намалениот обем на работа и намалените финансии.

Во оваа кредитна линија подобни за аплицирање се занаетчиите што се оданочени по реално остварен приход, односно занаетчиите што имаат реално книговодство и поднесуваат завршни пресметки во Централниот регистар. Занаетчиите што се паушално оданочени и плаќаат данок по решение за утврдување аконтација на данок на личен доход според паушално утврден нето-доход од вршење дејност не можат да аплицираат на повикот – објаснува Анета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиската комора Скопје.
Од ЗК додаваат дека интересот за аплицирање на повикот за бескаматни кредити е голем, иако се работи за средства што треба да се вратат, затоа што во моментот занаетчиите бараат како да го спасат бизнисот и да го одржат ликвиден, да ги задржат вработените и во услови на криза.
– Исто така, голем е интересот за аплицирање на грант-компонентата од страна на занаетчиите управувани од жени и од млади лица до 29 години. Занаетчиите на овој повик ќе можат да аплицираат со барање за кредит до максимум 5.000 евра износ, за што не можеме како комора да потврдиме дека е доволен износ за опстанок на занаетчиските бизниси, тоа е износ што ќе им помогне во услови на криза да ги одржат бизнисите и да не се доведат во ситуација да направат престанок на вршење занаетчиска дејност – објаснува Атанасовска.