Фотографии: Горан Анастасовски

Многу генерации сѐ уште го паметат главниот наслов што се проектираше на почетокот на документарната емисија „Опстанок“. Гледачите првпат можеа да видат ваков тип емисија, која целосно му беше посветена на животинскиот свет. Може да се видат прекрасни животни, многу ретки видови птици, риби, цицачи итн., но и опасни животни, како што се белиот носорог од Уганда или африканската кобра.
„Опстанок“ се емитуваше во рамките на утринската програма на белградското студио и потоа беше директно пренесувана од преостанатите студија во Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, на тогашната Телевизија Скопје, денешната Македонска радио-телевизија (МРТ).
Постојат безброј примери кога децата од основно училиште бегаа од часови за да ја гледаат пред малите екрани. Некои велат дека одвај чекале да се разболат за да не одат на училиште и, покриени со неколку ќебиња и температура, да ги гледаат животните.

Ова може да се објасни со неможноста за копирање и повторно гледање на емисијата, поради техничките ограничувања на периодот. Од друга страна, секое утро се прикажувала само една премиерна епизода и немало реприза, а доколу некое дете пропуштело некоја епизода, немало можност повторно да ја гледа.
Многу деца се запознаа со животинскиот свет и „Опстанок“ создаде трајна љубов кај нив кон животните и воопшто кон природата. Оваа љубов влијаеше кај децата при изборот на идниот професионален или аматерски ангажман, многу денешни зоолози или фотографи.
Меѓу нив е и нашиот колега во „Нова Македонија“, Горан Анастасовски, кој ни испрати прекрасни фотографии на диви животни, со намера повторно да ги репродуцираме сеќавањата кај нашите читатели и да ги потсетиме на оваа прекрасна документарна емисија.


„Опстанок“ беше една од најдолгите и најуспешни телевизиски документарни серии што му беа посветени на животинскиот свет. Оригиналната серија траеше четири децении, во текот на кои беа создадени околу 1.000 епизоди. Таа беше емитувана во 112 држави, беше првата британска документарна програма емитувана во комунистичка Кина, а камерманите на „Опстанок“ беа првите на кои им беше дозволено да снимаат диви животни во поранешниот Советски Сојуз.
Првите емисии беа половина час, но беа создадени специјални изданија од еден час и беа водечки документарци за дивите животни во текот на неколку децении. Првпат беше емитувана во 1961 година, од страна на ИТВ Англија, а освои повеќе од 250 награди во светот, меѓу нив четири награди „еми“ и БАФТА.
Од денешен аспект, техничкиот дел беше ограничен, меѓутоа образовниот карактер беше од врвен квалитет и во многу аспекти беше пионерски.