Сараево – Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека неговата земја е против измени на Дејтонскиот договор и какво било ангажирање на меѓународната заедница во БиХ, како и приближување на таа држава кон НАТО.
– Секој обид за уривање на Дејтон може да има многу сериозни последици – истакна Лавров додавајќи дека било многу тешко да се изгради кревката рамнотежа врз која се темели договорот.
Лавров ја искористи посетата на БиХ и за да испрати порака дека Москва го поддржува ставот на Република Српска за „воена неутралност“, а го обвини НАТО дека со своето ангажирање ја поткопува меѓународната стабилност. (РТС)

Подгорица – Почнува продажбата на луксузниот автомобил во кој се возеше поранешниот премиер на Црна Гора, Душко Марковиќ, а потоа, до крајот на месецот, ќе биде продадена и лимузината на Мило Ѓукановиќ. Двата луксузни автомобила ќе се продаваат на странска онлајн аукција, за да се постигне највисока можна цена. (РТЦГ)
Тирана – Во главниот град на Албанија се одржа протест (шести по ред) на кој граѓаните изразија незадоволство од убиството на младиот Клодијан Раша, извршено од полициски службеник. Демонстрантите маршираа од плоштадот „Скендербеј“ кон кабинетот на премиерот. По оставката на Сандер Лешај, од функцијата министер за внатрешни работи, тие сега бараат заминување на генералниот директор на државната полиција, Арди Велиу, и ослободување на уапсените. („360 степени“)


Бисер балкански

На погрешната страна

– Се случи тоа од што се плашевме – Србија целосно непотребно и неумесно застана зад едниот кандидат на претседателските избори во САД, кој притоа и изгуби. Александар Вучиќ ја преполни чашата и Србија повторно ја турна на погрешната страна на историјата. За разлика од промашувањето со поддршката на Хилари Клинтон, овој пат последиците ќе бидат неспоредливо потешки. И тие нема да бидат ограничени само на претседателот и неговата власт, и поради него ќе трпи цела Србија – напиша Саша Јанковиќ, поранешен народен правобранител во Република Србија, во коментар за „Данас“ за рефлексијата од новата американска политика кон Западен Балкан, по изборот на Џо Бајден за претседател на САД.