ВМРО-ДПМНЕ прашува според кој критериум Владата доделила помош од половина милион евра само на општина Арачиново за справување со Ковид-19 кризата? Според партијата, одлуката е крајно скандалозна и нетранспарентна.
– Објаснувањето дека се работи за еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради Ковид-19 кризата е уште посомнителна. Во Република Македонија има многу посериозни жаришта од епидемијата со далеку поголеми потреби од финансиска помош, а Владата на Заев се решила да ја помага само општина Арачиново. Кој е критериумот според кој токму општина Арачиново е одбрана за еднократна помош од половина милион евра – прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека општината Арачиново ја треселе скандали со нетранспарентно трошење на народни пари, па, велат од ВМРО-ДПМНЕ, логично се поставува прашањето дали има конкретен план за трошење на овие половина милион евра или се дадени заради ќеф на Заев?
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто Владата не определила ваква помош за општина Вевчани, општина Теарце, општина Тетово, општина Сарај, општина Шуто Оризари или општините Кисела Вода, Центар, Бутел и слични кои имаат огромен број активни случаи, туку тоа го прави баш со општина Арачиново?
– За потсетување, со овие половина милион евра може да се набават илјадници ковид тестови, или десетици амбулантни возила, па дури и неколку монтажни болници кои се насушно потребни за справување со ковид епидемијата, наместо без јасна цел и јасни критериуми да се дадат на една општина, која за среќа, според извештаите на здравствените власти не е критична точка. Дали ова е некаков вид матна компензација или концесија на Заев која сега на ваков начин ја исплаќа – прашува опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека јавноста мора да знае каде Заев ги троши народните пари и дека Буџетот не служи за поткусурување на неговите политички и бизнис интереси.