Макроекономските проекции упатуваат на понеповолна слика во однос на првичните очекувања со априлскиот циклус проекции. Оваа промена ги одразува послабите остварувања во првата половина на оваа година и оцените за побавно закрепнување во втората половина на годината
ГУВЕРНЕРКАТА НА НБРМ, АНИТА АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА
Најавуваниот есенски бран на вирусот се покажа како подлабок од претходните очекувања во однос на економската состојба во државава и повторно се воведоа рестриктивни мерки за спречување на неговото ширење, иако тие се помалку рестриктивни од оние што беа воведени при појавата на првиот бран. Од друга страна, тековно, најновите информации за развој на успешна вакцина порано од првичните очекувања и за започнување масовна вакцинација во релативно скоро време, креира поголем оптимизам во поглед на идниот развој на настаните во светот. Во однос на очекуваните економски движења до крајот на оваа година, но и во наредниот тригодишен период, најновите макроекономски проекции на Народната банка упатуваат на нешто понеповолна слика во однос на првичните очекувања со априлскиот циклус проекции, истакна во интервјуто гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.
Неизвесноста за економските последици од пандемијата и натаму е присутна, дали се очекува зголемување на интензитетот на негативните ефекти во периодот што следува доколку дојде до поголема ескалација на здравствената криза?
– Неизвесноста и негативните ризици поврзани со ширењето на вирусната инфекција се присутни од почетокот на оваа година, а најверојатно ќе бидат присутни и барем во текот на првата половина од наредната година. Билансот на ризици постојано се менува. Најновите макроекономски проекции упатуваат на нешто понеповолна слика во однос на првичните очекувања со априлскиот циклус проекции. Оваа промена ги одразува послабите остварувања во првата половина на оваа година и оцените за побавно закрепнување во втората половина на годината поврзани со вториот бран на ширење на вирусот. Така, во услови на поизразено надолно приспособување на инвестициите и потрошувачката, како и контракција на извозот, за 2020 година е проектиран пад на БДП од 4,9 отсто, по што се очекува постепено и делумно закрепнувањe, односно раст од 3,9 отсто во 2021 година. Проектираниот раст во 2021 година би бил поддржан од сите извори на растот, при што домашната побарувачка би имала позитивен, додека нето-извозот негативен придонес кон растот. Имено, во наредната година очекуваме постепено намалување на воздржаноста и зголемување на склоноста кон потрошувачка. Потрошувачката на домаќинствата би била и поддржана преку растот на расположливиот доход и солидната кредитна активност од страна на банките. Истовремено, по падот на инвестициите оваа година, следната година очекуваме зголемена инвестициска активност и зголемена склоност за преземање нови инвестициски одлуки, оцена што е во согласност со очекуваното продолжување на растот на корпоративното кредитирање, интензивирање на државните инфраструктурни проекти, како и со стабилизирањето на глобалната економија, раст на извозот и зголемени странски директни инвестиции. На среден рок, се очекува продолжување на растот на економијата, со стапка од околу четири отсто.
Сепак, неизвесноста и ризиците се и понатаму присутни. Во рамките на последниот циклус проекции ние се обидовме да направиме квантификација на овој ризик при што, евентуалната материјализација на овој ризик би значела послаб раст на домашната економија во 2021 година од околу два процентни поени. Но билансот на ризици се менува од ден на ден и тековно, особено се актуелни позитивните ризици поврзани со најавите за започнување со процесот на вакцинација што, пак, би можело да значи и нешто поповолен изглед за домашната економија од онаа што е предвидена во нашите проекции.
Какво е влијанието врз економијата и политиките на централните банки?
– И покрај тоа што тековната криза е од неекономска природа, сепак преземените рестриктивни мерки за спречување на натамошно ширење на вирусот доведоа до силни негативни ефекти врз реалната економија, како на страната на понудата, така и на страната на побарувачката. Реакцијата на централните банки за ваквата состојба всушност беше многу брза и силна со комплетен инструментариум на акомодативни мерки – конвенционални и неконвенционални, некои од нив веќе имплементирани во периодот на глобалната економска криза и последователно европска должничка криза. Ова се однесува на монетарната политика во развиените економии, но и во помалку развиените земји и земјите во развој. Мерките, барем досега, може да се оценат како успешни, што е видливо преку релативно брзото стабилизирање на меѓународните финансиски пазари. По наглиот пад на цените на акциите и растот на премиите за ризик на меѓународните финансиски пазари на почетокот на кризата, силната реакција на централните банки придонесе за подобрени согледувања на инвеститорите за закрепнувањето на економиите и за стабилизирање на пазарите, што е клучно за непречен пристап до финансии по поволни услови, а е во насока на поддршка на економската активност.
Како и другите централни банки и ние реагиравме брзо и со релативно силно монетарно релаксирање. Притоа, клучно е да се истакне дека, за разлика од други кризни „епизоди“, вклучувајќи ја и глобалната финансиска криза од 2008 година, ова е прва криза во која иницијалната монетарна реакција е контрациклична, односно подразбира релаксирање на монетарната политика. Отсуството на нерамнотежи и стабилните економски фундаменти видливи преку солидното ниво на девизни резерви и отсуството на инфлациски притисоци, дополнети со ултраакомодативната политика на ЕЦБ создадоа доволно слободен простор за спроведување акомодативни мерки насочени кон поддршка на економијата. Сумирано, од почетокот на кризата Народната банка ја намали основната каматна стапка во три наврати до тековното ниво од 1,5 отсто, намален е и понудениот износ на благајнички записи за 60 проценти, беше активирана неконвенционалната мерка за задолжителната резерва на таргетиран начин, за поддршка на најпогодените сектори, а беше проширено и портфолиото на прифатлив колатерал за обезбедување ликвидност од централната банка. Овие мерки дејствуваа во насока на зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата, а со тоа и поддршка на економската активност во акутната фаза на пандемијата. Дополнително, направивме и привремени регулаторни измени со кои се овозможи простор за реструктурирање на кредитите и промена во стандардите за класификација на ризикот, давајќи им поддршка на кредитокорисниците и простор во билансите на банките.
Во контекст на мерките и улогата на Народната банка во оваа тековна криза, сметам дека е важно да се спомене и одобрената репо-линија од страна на ЕЦБ во вредност од 400 милиони евра наменета за обезбедување девизна ликвидност за финансиските институции во земјата преку централната банка.
Дали се очекуваат позначајни инфлациски притисоци во услови на проектиран пад на економската активност?
– Стапката на инфлација во нашата економија е стабилна и ниска веќе подолг временски период. Просечната стапка на инфлација во изминатите десет години изнесува околу 1,4 отсто. Што се однесува до идната патека на цените во домашната економија, до крајот на оваа година и во наредниот тригодишен период, во согласност со последните макроекономски проекции, ние не очекуваме позначајни инфлациски притисоци. Стапката на инфлација се оценува на 1,1 процент во 2020 година, 1,5 отсто во 2021 година и потоа да се приближи до нивото од околу два отсто во 2022-2023 година. Притоа, би напоменала дека проектираната стапка во оваа година главно е движена од досегашните остварувања, кои во еден дел се поврзани со неекономски фактори што доведоа до поместувања и на страната на понудата и на страната на побарувачката за одредени пазарни сегменти. Дополнително, во 2020 година дојде и до неколку административни промени, како зголемувањето на акцизата за горивата и цените на електричната енергија што исто така се одрази врз динамиката на цените. Структурно, позитивен придонес кон инфлацијата оваа година имаат прехранбената компонента и базичната инфлација, додека енергетската компонента, под влијание на големиот пад на цените на суровата нафта на меѓународниот пазар, и покрај споменатите административни промени, има негативен придонес. Во наредните три години, соодветно на очекуваниот раст на увозните цени, очекуваме и умерено повисоки цени на храната и енергијата, а позитивна ќе биде и стапката на базична инфлација. Притоа, на краток до среден рок, а во услови на проектиран умерен раст на економијата, не оценуваме позначајни притисоци преку каналот на побарувачката. Секако, ризици во однос на очекуваната динамика на цените постојат и главно се поврзани со големата променливост на цените на примарните производи присутна на меѓународниот пазар, која е дополнително нагласена во тековната здравствено-економска криза.
Долгорочните резултати на пензиските фондови не би требало да бидат загрозени
Вториот бран на вирусот може да предизвика нови флуктуации на финансиските пазари, а со тоа и влијание врз вредноста на средствата на пензиските фондови, како би се справиле со тоа?
– Од почетокот на здравствената криза, финансискиот систем успешно одговори на предизвиците и покажа подготвеност за приспособување на своите политики кон одржување на финансиската стабилност. Иако учеството на средствата на пензиските фондови во вкупниот финансиски систем е релативно ниско и изнесува околу осум проценти, сепак, тие се исклучително важен дел од системот. Впрочем, ако од анализата се исклучат банките, средствата на пензиските друштва имаат доминантно учество во вкупните средства на преостанатите финансиски институции, кое се движи некаде околу 62 отсто во просек.
И покрај предизвиците што ги наметна здравствената криза, средствата на пензиските фондови се задржаа стабилни и продолжија со својот раст. Според официјалните податоци на Народната банка, од почетокот на годината до септември, иако беше присутна одредена променливост, поради променливоста и на условите на меѓународните финансиски пазари, сепак, вкупните средства на пензиските фондови бележат солиден раст од околу девет проценти.
Секако, неизвесноста од продолжената здравствена криза е на мошне високо ниво, што може да предизвика нови флуктуации на финансиските пазари, а со тоа и да влијае врз вредноста на вложувањата на пензиските фондови. Сепак, би требало да се има предвид специфичната природа на пензиските фондови, кои инвестираат на долги рокови, што претставува заштита од привремени флуктуации на вреднувањата на пазарите. Исто така, особено е важно да се нагласи дека пензиските фондови се раководат од законски пропишани ограничувања при вложувањето на средствата, со намера за диверзификација на инвестициите и соодветна распределба и минимизирање на ризикот. Тековно, во структурата на средствата доминираа должничките хартии од вредност (околу 60 проценти), по што следуваат вложувањата во акции (околу 30 проценти), а остатокот се однесува на вложувања во депозити во банки.
Резимирано, долгорочните резултати на фондовите не би требало да бидат загрозени од шокот предизвикан од пандемијата, имајќи ги предвид долгорочниот хоризонт на инвестирање и воспоставената диверзификација на инвестираните средства. Она што oстанува како ризик карактеристичен и во глобални рамки е пролонгираниот период на ниски каматни стапки и приноси, што, секако, како и за сите други инвеститори наметнува потреба од активен пристап во инвестирањето и балансирање помеѓу ризикот и приносот.