Откако првиот монолит се појави во американската сојузна држава Јута пред околу две недели, откриени се уште пет – во американската сојузна држава Калифорнија, Романија, Холандија, на британскиот остров Вајт и во Колумбија, пренесуваат светските медиуми.
„Њујорк Пост” објави дека зад „мистеријата” стои група на вајари од САД кои себе се нарекуваат „Најпознатиот уметник”. На нивниот профил на Инстаграм се објавени фотографии на кои се гледа како изработуваат монолити. Групата уметници се наоѓа во Ново Мексико, а монoлитите ги продаваат преку Интернет. Цената на еден монолит изнесува 45.000 долари.
Уште еден мистериозен монолит се појави на британскиот остров Вајт. Тој монолит завчера го открил локалниот жител Том Данфорд додека шетал на островската плажа Комптон.
Во меѓувреме откриен е уште еден сребрен монолит во холандскиот природен резерват Кикенберг, во близина на селото Удехорн, пренесува „Индипендент“. Локалните холандски медиуми објавуваат дека нема траги од стапки што водат до монолитот и не е јасно како статуата пристигнала таму. Тие претпоставуваат дека монолитот можеби бил таму веќе некое време, бидејќи околу него се формирал мраз.
Додека холандските официјалните лица допрва треба да го потврдат неговото постоење, вчера беа објавени информации во медиумите за златен монолит кој се појавил во Колумбија. Преходните беа метални или сребрени. Златниот монолит викендов бил пронајден во општината Чија во колумбиската област Кундинамарка.
Универзитет во Тула, Русија, пак, тврди дека во случајот за монолитите станува збор за експериментална направа за телепортација, на која моментно работат руски научници, пренесува „Раша тудеј“.