Во Културно-информативниот центар од 9 до 22 декември ќе биде отворена изложба на слики од ликовната уметница Дита Старова-Ќерими. На изложбата авторката ќе се претстави со 15 дела, работени во техника акрилик на платно, создадени последниве години.
Старова-Ќерими е актуелна директорка на Националната галерија на Македонија, афирмирана академска сликарка и педагог, доцентка на Факултетот за архитектура и дизајн при универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Својата прва сликарска наобразба таа ја добива во Париз, во раните школски денови во лицејот „Жансон де Сали“, а по четирите години школување во истиот град ја има и својата прва изложба.
Дипломира на Одделот сликарство со графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности. На универзитетот „Евро-Балкан“, во 2014 година, докторира на темата „Муралното сликарство во исламските сакрални градби во Република Македонија низ практична анализа на човековиот придонес“. Нејзините трудови од оваа област се објавени во домашни и во странски изданија. Во својата досегашна професионална биографија има реализирано 14 самостојни и над 50 групни изложби во Македонија, САД, Франција, Турција, Бугарија, Косово и во други земји.