Викендов Металург ја забележа шестата победа на шестиот меч, а Охрид победи осми пат од исто толку натпревари

РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА

Ракометарите на Металург забележаа нова рутинска победа во домашната Суперлига, победувајќи ја екипата на Прилеп, со 38-24 (20-15). Најефикасни во шестата победа на Металург за зацврстување на првата позиција во групата Б беа десниот бек Мартин Серафимов со шест, а по пет реализации имаа Златко Хорват, Милан Лазаревски и Дарко Кондев.
Сигурни на домашен терен беа и ракометарите на Пролет, Струга и на Работнички, а гостинска победа забележаа ракометарите на Охрид. Ракометарите на Работнички, предводени од нивното најново засилување левиот бек Тоше Ончев (11 гола), му се реваншираа на битолскиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2, за поразот во есенскиот дел од сезоната, победувајќи го на домашен терен со 28-23. Ракометарите на Струга вторпат сезонава беа подобри од Астраион, победувајќи го со 32-27.
Единствената победа на гостински терен ја забележаа ракометарите на Охрид, на гостувањето кај Радовиш, со 28-22, кои по осум одиграни меча имаат максимални 24 бода во групата А.