Мечевите со Италија и со Естонија треба да се играат во февруари 2021 година

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ВО ТАЛИН ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2022

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија се враќа во Скопје, без да одигра ниту еден од двата предвидени натпревари во „балонот“ во Талин во вториот квалификациски прозорец за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Германија, Чешка, Грузија и во Италија.
– Раководството на нашиот национален тим и официјално од страна на лица на ФИБА присутни во Талин е известено дека во овој момент, нашата селекција не е подготвена за натпреварување. И во согласност со тоа, одложен е и вториот натпревар на Македонија на турнирот во Талин, оној што требаше да го одиграме вечерва против домаќинот Естонија. Како причина, во соопштението на ФИБА, се наведува зголемениот број заразени членови на македонската делегација од ковид-19 во главниот град на Естонија. Во согласност со протоколот за ковид-19 на ФИБА, во наредниот период ќе биде одлучено кога ќе се одиграат одложените натпревари.

Многу е веројатно дека мечевите со Италија и со Естонија ќе бидат презакажани за следниот квалификациски прозорец на ФИБА, во февруари 2022 година. Во меѓувреме, играчите, стручниот, лекарскиот тим и раководството на нашата федерација веќе почнаа со подготовките за враќање во Скопје. По консултациите со ФИБА и со здравствените авторитети во Талин за транспортот на лицата кај кои е утврдено присуството на ковид-19, ќе биде направен и планот за враќање дома – пишува на официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Избраниците на селекторот Александар Тодоров по мини-подготовките во Скопје, веќе беа во Талин подготвени за дуелите со Италија и со Естонија, но сепак здравствените причини прво го одложија натпреварот со Италија, кој требаше да се одигра во саботата, а потоа и денешниот со Естонија.

Во вториот меч од групата Б, Русија ја победи Естонија, главниот конкурент на Македонија за пласман на ЕП, со 84-56. Најефикасни кај Русија беа Евгениј Бабурин со 19 и Андреј Воронцевич со 15 коша. Денеска треба да играат Русија и Италија.


ГРУПА Б

Естонија – Русија 56-84
Русија – Италија денеска, 15 ч.
Италија – Македонија одложено
Естонија – Македонија одложено

ТАБЕЛА
Русија 3 2 1 5
Италија 2 2 0 4
Естoниjа 3 1 2 4
Македонија 2 0 2 2