Што прославуваат Романците на 1 декември? Краткиот одговор е „обединувањето и слободата“, а темата е веројатно заедничка меѓу многу други земји во светот, соопшти романската амбасада во Македонија по повод на романскиот национален празник.
За Романците, 1 декември е Денот на големото обединување. На денешен ден во 1918 година, за време на владеењето на кралот Фердинанд Први, Романија составена во тоа време од Молдавија и Валахија – беше обединета со областите Басарабија, Буковина, Трансилванија, Кришана, Банат и Марамуреш. Обединувањето се случи во Алба Јулија, каде што беше прочитана декларацијата за обединување за време на јавен настан, на кој присуствуваа над 100.000 Романци.
Први декември е најважен празник во Романија и обично се слави со воени паради во Букурешт и во други градови. Минатата година во воената парада за првпат учествуваше и единица на Армијата на Македонија, подвлекувајќи ги одличните односи што постојат меѓу армиите на нашите земји. За жал, поради пандемијата со ковид-19, годинава манифестациите по повод Националниот ден ќе бидат поскромни, многу од нив само преку Интернет.
Сепак, романската амбасада во Скопје вечерва ќе организира концерт за камерна музика во Државната филхармонија во Скопје. Концертот ќе го изведат артистите Ирина Нануши, виолина и Верона Маер, пијано. Тие ќе изведат музички композиции од Џорџе Енеску, Бела Барток, Томазо Антонио Витали и Николо Паганини.
– Билатералните односи меѓу Романија и Северна Македонија се многу добри и нема отворени прашања меѓу нас. Романија беше, е и останува силен поддржувач на Северна Македонија на патот кон европската интеграција. Ние сме партнери во НАТО и од 9 ноември 2020 година, кога Северна Македонија стана 13-та членка, интензивно работиме и во рамките на Организацијата за економска соработка на Црно Море, со која Романија претседава до крајот на оваа година. Дури и во овие услови на криза, нашите односи продолжуваат да се развиваат. Во средината на декември ја очекуваме посетата во Букурешт на господинот Бујар Османи, министер за надворешни работи – се наведува во соопштението.
Нашите економски односи се добри, но далеку под реалните можности на нашите национални економии. 2018 година беше добра година. Имавме трговска размена во вредност од 422 милиони евра. За жал, во 2019 година таа се намали за 11%, на 376 милиони евра. Поради пандемијата, 2020 година беше уште послаба. Во првите 8 месеци имавме размена во вредност од само 181 милиони евра, 28% пониска отколку во сличниот период од 2019 година.
Имаме нови идеи за развој на економските односи. Во октомври оваа година, романска делегација предводена од господинот Ливиу Рогојинару, државен секретар во Министерството за економија, го посети Скопје, придружуван од неколку бизнисмени, кои имаа директни контакти со партнери од Северна Македонија.
Постојат и други идеи за соработка што сакаме да ги преточиме во реалност: отворање на билатерална трговско-индустриска комора, започнување директни летови помеѓу Букурешт и Скопје, организирање на состанок на Заедничката меѓувладина комисија за економска и техничко-научна соработка итн. Се надеваме дека идните контакти на високо ниво ќе ги покажат своите резултати.