Италија ќе го пушти првиот „ковид-фри“ воздушен мост меѓу Европа и САД за патниците со негативен тест на коронавирус, со што се укинува обврската за 14-дневен карантин.
Компанијата „Аеропорти ди Рома“ (АДР), којa управува со аеродромот „Фиумичино“ во Рим, објави дека е постигнат договор меѓу италијанската авиокомпанија „Алиталија“ и американската „Делта ерлајнс“ за специјални летови помеѓу одредени северноамерикански градови и Рим од декември.
Слични воздушни коридори ќе бидат тестирани и меѓу Рим и Минхен и Франкфурт во Германија. Иницијативата следи по лансирањето на вакви домашни летови меѓу Рим и италијанскиот финансиски центар Милано.
– Целта на експерименталната фаза е да се процени ефикасноста и функционалноста на новиот начин на патување за да се направат патувањата подостапни во подготовките за летната сезона 2021 година – се вели во соопштението на АДР.
Патниците ќе треба да имаат негативен тест не постар од 48 часа пред поаѓањето, а ќе треба да направат и уште еден тест по слетувањето во Рим.
Аеродромот во Рим веќе има брзи тестови чии резултати се познати за 30 минути.