Претседателот на австриската покраина Бургенланд, Ханс Нисл, тврди дека во Австрија, според последните процени, во моментов живеат над 250.000 нелегални мигранти. Нисл предупредува дека тој број е блиску до бројот на жителите на цел еден град, како што е Грац, што, според него, не е воопшто добро.
Австрискиот политичар истакнува дека во моментов не постои алтернатива на контролата на границите на Австрија. Истовремено, Нисл бара европско решение и поголеми напори за намалување на проблемот за кој, според него, многу се зборува, а малку се применува.
– Во моментов, дневно околу 50 бегалци пристигнуваат во Австрија, што е помеѓу 300 и 400 лица неделно. Малку од нив пристигнуваат преку Бургенланд, бидејќи таму постојат гранични контроли. Ако полицијата и војската бидат повлечени од границата на Бургенланд, тогаш повторно ќе дојде до измена на шверцерката маршрута. Сѐ додека не се штити надворешната граница, ние ќе мораме сами да го правиме тоа – предупреди Нисл.
На воените бегалци, според него, мора да им се помага, но неопходно е економската миграција да се стави под контрола, за што недостигаат волја и идеи.
– Во Бургенланд, полицијата и војската цели 21 година ја штитеа шенгенската надворешна граница. Тоа функционираше. Не може да се каже дека надворешната граница на шенген не може да се контролира. Ако постои волја, може да се стори тоа – додаде претседателот на покраината Бургенланд.
Во меѓувреме, австриските власти продолжуваат со мерките насочени кон дел од мигрантите и Австријците со мигрантско потекло, кои живеат во малата европска држава. Па, така, Министерството за сообраќај објави дека идните возачи во Австрија веќе нема да може да полагаат возачки испит на турски јазик. Мал дел од нив полагал писмен испит на својот мајчин јазик, но тоа, според австриските медиуми, сепак била втора најчеста опција по службениот германски јазик. Министерот за сообраќај Норберт Хофер, од десничарската Слободарска партија, вели дека цел на таа мерка е намалување на трошоците, како и охрабрување за граѓаните од странско потекло да учат германски јазик. Кандидатите ќе може и понатаму да полагаа испити на англиски, хрватски и словенечки јазик.
Укинувањето на можноста за полагање возачки испит на турски јазик се случува во време на лоши дипломатски односи меѓу Австрија и Турција. Канцеларот Себастијан Курц сака ЕУ да ги прекине пристапните преговори со Анкара. Тоа, пак, од друга страна, предизвика Турција во мај 2017 година да ја прекине соработката со Австрија во НАТО.