Уште од нејзиното прво телевизиско појавување во австралиската сапуница „Саливан“ на 10-годишна возраст, Кајли Миног се разви од актерка до поп-ѕвезда, модна икона, писателка за деца, членка на жири во шоу за таленти, па дури и во успешна дизајнерка на домашни ентериери, пишува Би-би-си.
Нејзината кариера е дефинирана со љубопитност и со немир. Дури и во музиката, областа во која е најпозната, таа има хитови како што се „Better The Devil You Know“ и „Can’t Get You Out of My Head“, но и повеќе експериментални нумери како што се Slow“ или „Cherry Bomb“.
За цело тоа време, најсилната страна на Миног е веселата, ескапистичка диско музика. Тоа беше првата музика во која се вљубила уште како дете во средината на 1970-тите во Мелбурн, многу порано пред да започне самата да ја негува идејата да стане поп ѕвезда.
– Кога имав осум или девет години во мојата соба со пријателите си подготвував замислени концерти на „АББА“. Облекувавме фустани, скокавме и пеевме со четки во рацете – изјавила таа за списанието „Смеш Хитс“ во 1988 година.
Откако флертуваше со кантри музиката на нејзиниот последен албум „Голден“ Миног ја обнови љубовта кон подиумот за нејзиниот 15-ти албум соодветно насловен „Диско“. Иако минатата година започнала да пишува песни за себе, албумот беше далеку од завршен кога започна изолацијата во март. Одеднаш, таа мораше да претвори еден стан во Лондон во привремено студио, опкружувајќи се со ќебиња, јоргани, па дури и со полици за облека за да може во изолација да снима.
Но, за некој што е во постојано во движење, карантинот и паднал тешко.
– Тешко е да се закопаш длабоко и да останеш позитивен. При првата изолација имаше моменти, кога морав да признаам некому дека ми е тешко. Всушност, да не работев на новиот албум можеби сè ќе тргнеше на лошо – кажала пејачката.
Албумот „ Диско“ не е мрачно размислување за последиците од глобалната пандемија. Како и Дуа Липа и Лејди Гага, кои издадоа албуми во диско ритам на почетокот на годинава, Миног им нуди на своите обожаватели 40-минутно музичко весело бегство од пандемијата.