Годинашниот добитник на наградата за животно дело „4 Ноември“, авторот на песната и композитор „Ако одам во Битола“ Петар Георгиев – Калица денеска во Градскиот парк во Битола, во присуство на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, во алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола, засади дрво на животот.

– За мене наградата за животно дело значи потврда за се она што го работев во животот, за Битола, за чаршијата, за Широк сокак, за битолчани. Се заблагодарувам до своите граѓани и општина Битола за наградата и упатувам порака до младите, она што го работат, да го работат со љубов – изјави Петар Георгиев – Калица.

Петар Георгиев- Калица, кој за време на врачувањето на четвртоноемвриските награди беше во домашна изолација, откри дека ситуацијата со пандемијата го поттикна да напише нови песни поврзани со коронавирусот и Битола.

Новите песни љубителите на музиката во Битола и пошироко ќе можат да ги слушнат откако ќе помине пандемијата и кога ќе бидат можни седенки по кафаните, вели
Калица.

– Годинава ми беше мене редот како добитник овогодишната четвртоноемвриска награда да посадам дрвце. Благодарност до Општина Битола што воспостави една ваква
убава традиција и се надевам дека од година во година ќе се надоградува и ќе биде потсетник за сите нас дека секој треба да даде придонес во изградбата на европска
Битола – изјави Калица. М.М.