По убавите мигови во Неготино, кариерата на репрезентативниот голман продолжи во Пелистер, а беше и сениорски репрезентативец на Македонија. Елиминацијата од германски Лемго на патот кон едно европско финале уште го „боли“. Со освоената двојна круна со Вардар дојде и крајот на активното играње

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (181) ЗОРАН ПЕТКОВСКИ (2)

Кариерата на ракометниот голман Зоран Петковски, по првите настапи во Драчево, потоа преку Работнички, Вардар и Повардарие од Неготино, постојано одеше во нагорна линија. Со своите феноменални одбрани за неготинскиот тим, тој не само што стана миленик на публиката туку беше прогласуван за најдобар спортист на градот, а една сезона го доби епитетот најдобар голман во Македонската лига.
Одличните одбрани го привлекоа вниманието на тренерите, кои посакуваа да го видат на голот на нивниот тим.
– Откако почувствував дека во Повардарие, со кое го освоивме четвртото место во Македонската ракометна лига и се пласиравме во Купот на Европската ракометна федерација, стигнав до лимитот како голман, посакував кариерата да ја продолжам во некоја друга поквалитетна екипа, со која ќе можев и понатаму да се надградувам. Вардар ми понуди да се вратам, а интересна беше и поканата од ресенски Јафа промет, кој собра многу квалитетни играчи и со брзи чекори стигна до македонскиот ракометен врв. Но исто така, иако неофицијална, имав понуда и од битолчани. За мене некако најинтересен беше Пелистер, кој не само што имаше богата традиција туку беше една професионално организирана средина, во која сѐ беше подредено на постигнување врвен резултат. Но со оглед на тоа што во тој период на голот на битолчаните беше легендарниот Стевче Стефановски, јас и не помислував дека тие ќе бидат толку многу заинтересирани за мене.

Сепак, еден ден решив да одам во Битола за да разговарам за евентуално мое доаѓање во клубот и едноставно да видам какви се нивите планови – вели Петковски.
Потоа, почнува неговата одисеја во Пелистер, пред кој беа поставени неколку цели, од кои секако најважни беа освојување на титулата или Купот на Македонија. Пелистер, со оглед на вложувањата и квалитетот на ракометарите, не смееше да остане без еден од двата трофеја.
– Во двете години во битолскиот тим ги доживеав и моите најдраматични моменти на ракометниот терен. Имено, во Купот на националните куп- победници стигнавме до полуфиналето, во кое за противник го имавме германски Лемго. Иако поразени на гостувањето, со 23-25, тоа беше ветувачки резултат за реваншот. Во Битола и во Македонија завладеа ракометна еуфорија, сите нѐ гледаа како финалисти во европскиот куп. Тогаш, ако се сеќавате, од преголем број гледачи во салата во Битола се наруши и статиката, па, така, на средината од теренот „изби“ паркетот. Меѓутоа, сето тоа набрзина беше санирано, а потоа дојдоа и оние моменти што никогаш нема да ги заборавам. Водевме со 24-22, а до крајот остануваа уште 12 секунди. Овој резултат наполно ни одговараше, зашто на гости имавме постигнато еден гол повеќе. Но кога беше најпотребно, кај нас попушти концентрацијата, па ракометарите на Лемго од една контра постигнаа гол. Кога брзиот Циглер доаѓаше од крилна позиција кон шесте метри, ја почувствував опасноста, па ми дојде дури и таква мисла да го кренам голот и да го поместам за Германецот да не погоди. Но, за жал, тоа не се случи и ние загубивме. Салата занеме, Пелистер само за неколку секунди остана без посакуваното финале – вели Петковски.

ЈАФА ПРОМЕТ СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА

По две години во Пелистер, Петковски бара нов предизвик и станува член на тогаш „забревтаниот“ Јафа промет, во кој се собра македонската ракометна елита.
Таму, покрај Петковски, беа уште Котевски, Јовиќ, Аце Станковски, Кимевски, Богдановиќ, Дугиќ, Мартиновиќ, Николиќ. И таму имаше возбудувања и моменти за незаборав.
– Од настапите за ресенци, во сеќавање ми остана реваншот со Шахтјор во Доњецк, во европскиот куп. Во Ресен победивме со 27-23 и на реваншот заминавме некако растоварени. Во Доњецк загубивме со 23-26, што беше доволно да ги елиминираме Украинците. Таму бев прогласен за јунак на мечот, зашто имав неколку извонредни одбрани, а во последните секунди одбранив и седмерец – вели Петковски.
Потоа Петковски заедно со Буцо Трпчевски, заминува во Турција и брани за Дијарбакир. Таму двајцата имаа и едно непријатно доживување, кое, сепак, беше со среќен крај. За да не ги остават парите добиени за потпис на договорот во хотелската соба, кога патувале на еден меч во една мала чанта ги зеле со себе. Но од невнимание и брзање, кога стигнале на зборното место, ги зеле торбиците со спортската опрема, а она главното, чантата со парите, „заминало“ со таксито. Тие разочарани веднаш му раскажале за случката на претседателот на клубот, кој бил шеф на полицијата во Анкара, каде што живееле и тренирале ракометарите, а во Дијарбакир оделе само на натпреварите.
– Тој веднаш ги алармира сите такси-станици и нареди полицијата да истражува додека не ги најде парите. Загубивме надеж, но таксистот што нѐ возеше ги донел парите во полицијата. Бевме пресреќни, зашто не верувавме дека меѓу повеќе од 2.000 таксисти ќе биде пронајден оној каде што беа парите. Но, ете, за наша радост и тоа се случи – вели Петковски.

КРАЈ НА КАРИЕРАТА ВО ВАРДАР

Откако се врати од Турција, повторно на барање на браќата Михајло и Владо-Бапси, Зоран Петковски во 1999 година застанува на голот на Вардар, со кој ја освои и двојната круна во 2007 година, со што заокружи еден убав биланс на вкупно освоени 15 трофеи на македонската ракометна сцена, настапувајќи за повеќе клубови.
– Ова беше убав повод да престанам со активното играње и потоа во Вардар да се посветам на тренерската работа. Така, излегува дека во двојниот европски првак, како играч и тренер на помладите категории сум цели 25 години – вели Петковски.
Во деведесеттите години од минатиот век, кога се создаваше македонската сениорска репрезентација, Петковски повеќе од 50 пати беше на голот на репрезентативната селекција.
Настапуваше и на „Трофејот на Македонија“, на кој беа совладувани дури и репрезентации од калибарот на поранешниот светски првак Романија, а беше во националниот тим на дебито на Светското првенство во Египет, во 1999 година.
– Имавме интересни дуели и во квалификациите за европските и за светските првенства, во кои во тогашниот ракометен храм „Кале“ паѓаа Белорусија, Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија и други. Последниот натпревар го одиграв во 2006 година, против Чешка – рече Петковски.
Тоа беше ракометната приказна за еден од нашите најдобри голмани Зоран Петковски. Сега останува неговите синови Андреј (голман) и Христијан (десен бек) да продолжат по неговиот пат. Двајцата се членови на македонската репрезентација во своите категории, па, така, излегува дека цело семејство е ракометно.