Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потврда за тоа се многу одлуки што изминатите 30 години ги почувствуваа помалите земји во Европа и во светот, вклучувајќи ја и Македонија, која токму поради непочитувањето на меѓународното право, а уште повеќе поради нечии поинакви стратегиски проекции, остана заглавена во евроинтегративниот процес речиси три децении

Геостратегиските интереси поважни од
почитувањето на меѓународното право

Дали геостратегиските интереси на големите земји се поприоритетни од почитувањето на меѓународното право? Имено, преседаните на пренебрегнување на меѓународното право како да станаа практика, а неговото применување или неприменување е во зависност од потребата за стекнување некакви геополитички позиции.
Потврда за тоа се многу одлуки што изминатите 30 години ги почувствуваа помалите земји во Европа и во светот, вклучувајќи ја и Македонија, која токму поради непочитувањето на меѓународното право, а уште повеќе поради нечии поинакви стратегиски цели, остана заглавена во евроинтегративниот процес речиси три децении.
Имено, уште во јануари 1992 година беше подготвен извештајот на Арбитражната комисија на тогашната Европска заедница (ЕЗ), во кој беше дадено мислење и за признавање на Република Македонија од страна на Европската заедница и на нејзините држави-членки. По разгледувањето на документите што ги достави земјава, Арбитражната комисија, чиј претседавач беше Робер Бадентер, даде оцена дека Република Македонија ги задоволува условите предвидени за признавање нови држави.

И покрај ваквата оцена, поради геостратегиските интереси на големите сили беше заобиколено меѓународното право, со непочитување на мислењето на Арбитражниот суд, по што ЕЗ ги призна само Словенија и Хрватска, оставајќи ја Македонија настрана поради притисокот на Грција, која за Западот игра исклучително важна стратегиска улога во Средоземјето.
Меѓународното право врз наш грб повторно беше прекршено и со кршењето на Привремената спогодба, повторно од страна на Грција, која воведе еднострана блокада на јужната граница спротивно на меѓународното право, оневозможувајќи пристап до солунското пристаниште и дотур на нафтени деривати и друга стока во земјава.
Македонија го доби случајот против Грција и пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кога го тужеше јужниот сосед поради прекршување на Привремената спогодба и спречување на државата да се зачлени во НАТО под привремената референца.
Без оглед на пресудата, работите не се помрднаа од мртва точка и Македонија стана дел од НАТО во 2020 година, откако го смени името по постигнувањето на Преспанскиот договор и во моментот кога Западот процени дека Русија го засилува влијанието на Балканот и дека приемот на Македонија во Алијансата веќе станува геостратегиски интерес на западните сили.

Со слични проблеми се соочуваат и другите помали земји на Балканот, чија статус кво состојба останува нерешена со децении, сè додека не се процени вистинскиот момент во кој ќе се спроведе одреден политички интерес.
Типичен пример на прекршување на меѓународното право беше бомбардирањето од страна на НАТО на тогашна СР Југославија, без одлука на Советот за безбедност при ОН.
Во насока на спроведување нечии стратегиски политики може да се протолкува и неодамнешното поднесување на обвинение од страна на судот во Хаг против косовскиот претседател Хашим Тачи, иако поранешната хашка обвинителка Карла дел Понте уште во 2008 година го обвинуваше Тачи за извршени воени злосторства. Без оглед на нејзините тврдења, Западот продолжуваше да му дава безрезервна поддршка на косовското раководство во кое се наоѓаа и други лица осомничени за воени злосторства. По повеќе од десет години, токму сега, кога се врши притисок за решавање на српско-косовскиот спор, се поднесуваат обвиненија против косовски политичари, зад кои се крие некаква поинаква политичка стратегија што се планира за овој дел од Балканот.

– Со признавањето на сецесијата на Хрватска и Словенија, поттикнато од германската надворешна политика на почетокот на 1990-тите години, отворена е Пандорината кутија. Меѓународното право е тешко нарушено, а територијалниот интегритет и суверенитет се поткопувани по нечија волја. Не е предвидливо дека ЕУ ќе се спротивстави на еднострано поместување на границите во Европа. Меѓународното право се занимава со нешто по нарачка, односно во зависност од можноста за стекнување геополитички предности – вели Севим Дагделен, пратеничка во германскиот Бундестаг.
Таа додава дека е под полициска заштита поради отворените ставови што ги искажува за кршењето на меѓународното право.
– Ако погледнеме како ЕУ постапува со земјите од Балканот, ќе стекнеме силен впечаток дека постои политика на „европски заден двор“. Тоа е неприфатливо – истакнува Дагделен.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека геостратегиските процени на големите сили се клучни при носењето одлуки.
– Ако гледаме така, тогаш приемот на Бугарија и на Романија во ЕУ беше спротивен на сите меѓународни норми. Конкретно во Бугарија имате кршење на човековите права, владеење на корупција, нефункционално судство, непочитување меѓународни пресуди, па сепак таа земја, заедно со Романија беше примена и во НАТО и во ЕУ. Тоа се случи не затоа што двете земји беа подготвени, туку оти излегуваат на Црно Море и во одреден момент процената беше дека со нивниот прием во НАТО и во ЕУ ќе се спречи руското влијание во овој дел на Европа – смета Андревски.

Според него, Македонија нема толку голема геостратегиска вредност и затоа нејзиниот евроинтегративен пат трае долго.
Како и да е, повеќе од јасно е дека меѓународното право ќе се применува само тогаш кога е во интерес на геостратегиските политики на големите сили, поточно врз принципот „каде што има сила, нема правдина“. Во меѓувреме, на помалите земји ќе им се делат лекции за почитување на меѓународното право, сè додека и тие не станат цел на некаква туѓа геостратегија.