Уште еден од муралите насликани во Лос Анџелес по повод доаѓањето на Леброн Џејмс во Лејкерс е оштетен од страна на непознати сторители.
Откако беше соопштено дека Џејмс доаѓа во Лејкерс, локалните уметници во негова чест насликаа неколку големи мурали на фасадите низ Лос Анџелес.
Во последниот инцидент настрада муралот, каде Џејмс е насликан во дрес на Лејкерс и гледа во легендите на клубот.
Овој мурал беше оштетен со бела боја, а неговиот автор Густаво Зермено при санирањето на оштетувањето доби помош од 50-тина случајни минувачи, навивачи на Лејкерс.
– Изненаден сум, бидејќи ова е најпозитивниот потег во клубот во изминатите пет или шест години. Навистина изненадува дека луѓето се вознемирени поради Леброн. Не го разбирам тоа, истакна Зермено.
Пред неколку дена беше уништен уште еден мурал, а непознатите сторители на него напишале „не е крал“, „не те сакаме“ и „3-6“, алудирајќи на неговите победи и порази во финалните натпревари на НБА.
Леброн, кој е еден од најдобрите кошаркари во светот, летово потпиша четиригодишен договор со Лејкерс вреден 154 милиони долари. И покрај тоа што кошаркарот наиде на добар прием во новиот клуб и кај навивачите, сепак дел од нив јасно му порачаа дека не е добедојден.