Турнирот, кој го слави 50-от роденден, годинава ќе се игра без публика, играчите ќе бидат во т.н. „балон“, сместени во ист хотел, нема да има линиски судии, туку ќе се користи системот „око соколово“ итн.

ТЕНИС

За завршниот тениски мастерс-турнир на сезоната во Лондон, кој треба да почне в недела, предвидени се строги протоколи. Поради епидемиолошката состојба, организаторот донел одлука во Лондон да се игра без публика, сите тенисери ќе бидат во еден т.н. „балон“ и сите ќе бидат сместени во ист хотел, веднаш покрај арената каде што ќе се игра турнирот. Новина е и тоа што овој пат нема да има линиски судии на теренот, туку ќе се користи системот „око соколово“.
Осумте играчи што ќе се натпреваруваат во ова АТП-финале се Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Доминик Тим, Данил Медведев, Стефанос Циципас, Александер Зверев, Андреј Рублев и Диего Шварцман. Поради нарушената сезона поради пандемијата на коронавирусот, квалификациите за годинава се засноваат на рангирањето на АТП-листата, наместо на рангот во „Трката до Лондон“. Циципас е бранител на титулата, откако го победи Тим во финалето во 2019 година. Рублев, кој освои пет титули во 2020 година, и Шварцман првпат ќе се натпреваруваат на овој турнир. Наградниот фонд е 5,7 милиони долари.

Осумте играчи се поделени во две групи, со тоа што секој тенисер ќе игра со своите тројца ривали во групата, а првите двајца од секоја група ќе се пласираат во полуфиналето. Пласманот се определува според бројот на победи и доколку играчите се изедначени, тогаш решава нивниот меѓусебен меч.
Ова ќе биде 12-ти пат АТП-финалето да се игра во Лондон, а од следната година се префрла во Торино (Италија), кој треба да биде домаќин до 2025 година. Турнирот се игра од 1970 година, а домаќини беа и Токио, Париз, Барселона, Бостон, Њујорк, Мелбурн, Лисабон, Франкфурт, Хановер, Шангај, Стокхолм, Сиднеј и Хјустон.
Најмногу титули од овој турнир има Роже Федерер, шест, а потоа следуваат Ѓоковиќ, Иван Лендл и Пит Сампрас со по пет трофеи итн. Надал во Лондон ќе игра за трофејот што му недостига.