Кичево е еден од петте града после Скопје, каде што од среда ќе можат да се прават брзи тестови. Така во кичевската Општа болница од среда ќе се прават по 40 брзи тестови дневно. За потребите на болницата беа едуцирани двајца лаборанти, кои во еден период се обучуваа во главниот град. Во кичевската Општа болница ќе можат да се прават по 240 брзи тестови неделно, а ваков тест единствено може да закаже матичниот лекар, доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има смптоми на ковид-19 повеќе од пет дена.
– После главниот град, ние сме еден од петте града во земјава, каде од среда ќе се прават брзи тестови. На располагање ќе ни стојат по 40 брзи тестови дневно, или 240 за една седмица.За потребите на брзото тестирање наши лаборанти беа на обука во Скопје и целосно подготвени го очекуваме почетокот на оваа операција. Граѓаните треба да знаат дека брз тест може да закаже единствено матичниот лекар, на лица кои барем 5 дена имаат симптоми на ковид-19 – вели Др Станко Трпески, директор на Општата болница Кичево.
Во кичевската болница моментно од ковид-19 се лекуваат 20 пациенти, колку што изнесува и бројот на кревети за згрижување на инфицирани со коронавирус, но се очекува изградбата на два нови монтажни објекти во кругот на болницата да помогне, за да се зголеми капацитетот и каде ќе можат да се сместат од 30 до 40 новозаболени лица со ковид-19.
– Целокупниот капацитет во нашата болница е целосно пополнет, а имаме и притисок и на нови новозаболени, кои поради ограничениот број на кревети 20, не можеме да ги згрижиме. Но состојбите ќе се подобрат со изградбата на два модуларни објекти, каде ќе бидат сместени од 30 до 40 новозаболени со ковид-19. Мора да истакнам дека вработените целосно се ангажирани во третманот на болните, иако, лица што се заинтересирани за волонтерска работа, се добрдојдени во нашата болница – заврши д-р Трпески. З.А.