Експертите не очекуваат овие мерки дирекно и веднаш да се почувствуваат и во Македонија, бидејќи повеќе се насочени кон економските текови во земјите што се затвораат и додаваат дека крајните ефекти во земјава, сепак, најмногу зависат од понатамошните мерки на Владата и на институциите

ОТКОГА ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА НАЈАВИЈА ПОРИГОРОЗНИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ОД ПАНДЕМИЈАТА

Одлуките на дел од европските земји да воведат нови мерки за сузбивање на ширењето на корона-вирусот, особено одлуките за воведување карантин во Франција и во Германија, најпрво се одразија врз светските берзи. Поради стравот дека ширењето на ковид-19 излегува од контрола на здравствените власти во поголем дел од европските земји, како и поради одлуките за повторно целосно затворање падна продажбата на акциите насекаде низ светот. Веднаш по најавите за воведување карантин во двете најголеми економии во Европа, индексите на Волстрит значително се намалија, а американските берзи имаа најголем пад на продажбата во последниот месец.
Сепак, како ќе се одразат новите мерки врз домашната економија сѐ уште не може точно да се прогнозира. Економистите укажуваат дека состојбата од една страна укажува на понатамошно одолжување на здравствената, а со тоа и на економската криза, но сепак, не очекуваат остар пад на домашната економија како во пролетните месеци.

– Сметам дека новите мерки што се воведуваат во Германија и во другите европски земји, можеби нема директно веднаш да влијаат. Сепак, индиректно, поради самиот факт што сите прогнози за стапките на раст сега ќе станат попесимистички, ќе има влијание и врз домашната економија. Сите се надевавме дека со текот на времето само по себе ќе дојде до спласнување на вирусот, но трендот покажува дека напротив имаме нов бран на ширење и истиот тој е доста загрижувачки бидејќи се шири во големи размери. Тоа неминовно водеше кон мерки што потоа индиректно може негативно да влијаат и врз нашата економија и сосема очекувано е дека проекциите за раст може повторно да се коригираат во надолна линија – вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.
Тој посочува дека Македонија како земја не е моќна сама да направи драстични промени, ниту пак има луѓе што би можеле да понудат поинакви решенија што ќе дадат позитивен ефект.

– Македонија, како и која било друга земја слична по големина и по развој, нема голем избор на мерки што би можеле веднаш да помогнат во надминување на економската криза. Нема човек што знае како до излез од ситуацијата, ниту имаме голем маневарски простор за интервенции. Ги имаме овие политички расправии за здравствениот сектор. Кој би можел да гарантира дека со замена на министерот ќе се подобрат состојбите? Гледаме што се случува насекаде во светот, не е само кај нас таква состојбата, затоа не би требало да се занесуваме по популистички пропаганди… Имаше земји што успеаја првиот бран брзо да го сузбијат. Словенија и Црна Гора беа земји каде што имаше мал број на заразени, но видете денес што се случува. Сметам дека нема лице што точно може да предвиди што ќе се случува во следниот период, ниту во здравствениот ниту во економскиот сектор – дополнува Хајредини.
Во согласност со најавите на германската канцеларка Ангела Меркел, од следната недела во Германија се планира повторно затворање на рестораните, баровите, театрите и кината, а се препорачува и да се редуцираат сите патувања, односно да се оди само на неопходните. Исто така се забранува ноќевање во хотелите со туристички цели… Меркел препорача сите што имаат можности да работат од дома, контактите да бидат сведени на минимум, се затвораат спортските сали, базените и сауните и се забранува присуство на публика на спортските настани. Но сепак, училиштата и градинките и понатаму остануваат отворени.

Експертите не очекуваат овие мерки дирекно и веднаш да се почувствуваат и во Македонија, бидејќи повеќе се насочени кон економските текови во земјите што се затвораат и додаваат дека крајните ефекти во земјава, сепак, најмногу зависат од понатамошните мерки на Владата и на институциите.
– За жал, не е тешко да се прогнозира дека ни претстои уште потежок период. Не гледаме знаци на надминување или знаци за крај на кризата, туку напротив сѐ упатува дека кризата сѐ уште се шири и се распламтува. Оваа состојба психолошки влијае на секој поединец, секој стравува за здравјето на најблиските, што исто така негативно влијае на одлуките за трошење или, пак, на обезбедување средства за егзистенција – додава Хајредини.
Поранешната вицегувернерка на НБРМ, Маја Кадиеска-Воиновиќ, во едно свое излагање посочи дека здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 нема да има краткорочен карактер и дека не може со магично стапче да се излезе од рецесија.

– Историјата покажува дека пандемиите траат од две до три години во неколку брана. Требаше да се предвиди долгорочниот карактер на кризата, како што направија Германија и САД. За во иднина јас не мислам дека централните банки на развиените земји ќе ја прекинат оваа монетарната офанзива, што за нас значи дека ќе можеме да излеземе на меѓународниот пазар на капитал – кажа Кадиевска Војновиќ.
Таа појасни и дека во економска криза најважна е реакцијата на власта и дека со кредибилни политики ќе се создадат позитивни ефекти во економијата.
– Важно е како се справуваат креаторите на економските политики со шоковите, истото важеше и за претходните кризи, кога имаше големи проблеми во банкарскиот сектор. Значи реакцијата на власта и ефектите што ќе произлезат од тие политики се најважни – посочи Кадиеска-Воиновиќ и дополни дека за да се создадат кредибилни политики во земјава е потребно да има разбирање и отчетност.