Кога сте спремни да се откажете од своето минато, спремни сте да се откажете и од својата сегашност и иднина. Затоа власта не смее да си дозволи спомените за државата на македонскиот народ да излезат на отворено. Затоа бришат сѐ со предзнак македонско. Затоа историјата за која се пазариме со нашите соседи ја претворија во игралиште на шарлатани што се лизгаат во бездната на фантазијата и историската имагинација
Од Мадрид до Париз, од Берлин до Варшава, се чини дека националната држава доживува впечатлива ренесанса. Границите се враќаат, а со нив и националната исклучивост. Во време на криза секоја национална влада се фокусира на својот народ практично прекуноќ, националните метрополи ефикасно го повратија суверенитетот од Европската Унија без да побараат дозвола од сопствениот народ, или од Брисел. Денес во време на криза се менува текот на историјата. Глобализацијата и европската интеграција веќе ги нема. Време е за херојска борба на државите за национален опстанок. Секаде во Европа, само не кај нас.
Нашата борба за Европа полека се претвора во борба за опстанок на македонската држава. Онаа што власта е на пат да ја распродаде за членство во Унијата. Како добар селски трговец. На ангро, не прашувајќи за цена. Со таква брзина и леснотија ја губиме државата што почнувам да верувам дека никогаш и сме ја немале. Дека сѐ било привид. Изгледа дека само сме глумеле држава сиве овие години, онаа на македонскиот народ. За конечно лидерот на „државотворната партија“ да нѐ просветли дека тоа била држава на некој недефиниран мултиетнички народ. Ваква ужасно игнорантска и историски неписмена изјава може да изговори само некој кому „Македонија никогаш не му била сѐ што имаме“, некој што ги ужива сите придобивки од животот во ерата на модерната демократска нација, без да застане за момент да размисли за вистинскиот извор на сите негови удобности.
Затоа станавме држава за мајтап. Бугарија успеа докрај да ги разголи „државотворните“. Веќе не може да скријат дека немаат никаква почит и свест за националната држава на македонскиот народ, нејзините вредности и традиции што ја прикажуваат историјата што на крајот нѐ обедини во нација. Почитта и честа за својата земја зависат целосно од начинот на кој размислуваме за нашата нација. Очигледно „државотворните“ единствено што размислуваат (ако воопшто размислуваат) е како да ги зачуваат своите тековни позиции и привилегии.
За да се постигне таквата цел мора да им се одземе можноста на луѓето да погледнат назад во историјата и да се задуши стимулот да дејствуваат против новата држава што ја октроира власта. Онаа со променето име и без национален идентитет. Држава без нација. За да ја елиминира заканата од сеќавањата власта дозволи Македонија да биде вовлечена во процес на контрола на минатото и не чие било: сопственото. Џорџ Орвел во 1984 година ќе запише: „Кој го контролира минатото ја контролира иднината: кој ја контролира сегашноста го контролира минатото“. Она од што се плашеше Орвел ни се случува нам сега. Авторитарната македонска власт се обидува да конструира своја верзија на минатото по диктат однадвор.
Нов историски наратив за обезличена држава. Архитектите и продавачите на нашата лошо осмислена фаланга на историски реформи се вклучени во историски ревизионизам на македонската држава, каде што вистината е потчинета на целесообразноста; идеализмот се препакува на патетичен јазик на добри намери и високи цели; а минатото се менува од корен.
Кога сте спремни да се откажете од своето минато, спремни сте да се откажете и од својата сегашност и иднина. Затоа власта не смее да си дозволи спомените за државата на македонскиот народ да излезат на отворено. Затоа бришат сѐ со предзнак македонско. Затоа историјата за која се пазариме со нашите соседи ја претворија во игралиште на шарлатани што се лизгаат во бездната на фантазијата и историската имагинација. Ни нудат заедничка историја како фабрикувана реконструкција на заедничкото минато со нашите соседи кородирајќи го концептот на национална држава. Сепак, изгледа залудна нивната надеж дека ако ги одземат историјата и спомените граѓаните ќе немаат друг избор, освен да веруваат во лагите што им ги презентира власта и дека сеќавањата ќе бидат целосно заменети со новата вистина за постоењето на овој народ, без можност слободно да размислуваат.
Да се надеваме дека вистинските историчари кај нас ќе се разбудат. Барем во едно сум сигурен: досегашните производителите на историјата се кревки, но на крајот, и со одредена среќа, нивните ставови може да го преживеат режимот што ги убива или цензурира. Како овој денеска.
За овие што нѐ дотераа до ова дереџе немам дилема. Да се каже дека комунистите, а особено овие рециклираните научиле нешто од историјата е погрешна и опасна изјава. Историјата ги научи само во она што веќе веруваат, или во она што сакаат да веруваат. Отсекогаш комунистите биле особено добри во препишувањето и приспособувањето на историјата на нивниот идеолошки наратив и личен интерес. Неизбежноста на нивната историска дијалектика и алчност го бара тоа. Тие едноставно ѝ приоѓаат на историјата на начин на кој воајерот се приближува до мртвото тело во паркот. Телото не зборува, па наместо систематски да се обидат да откријат што се случило, кој што сторил и зошто, тие само набљудуваат. Затоа и немаат проблем во пазарењето со нашата историја и сеќавање со Бугарија. Како добар селски трговец.